Владата само ги додефинира одредбите и правилата поврзани со медиумското претставување за време на изборите на политичките партии и притоа го зголеми времето за политички маркетинг од 10 на 15 часа, изјави министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, во однос на вчерашната одлука на Владата за времетраењето на платеното рекламирање на политичките партии.
Тој појасни дека со носењето на оваа одредба, нема да има дилеми кој, што и како и во каков обем може да закупи медиумски простор во сите медиуми.
– Постоеше обид за интервенција од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во начинот на неспроведување на докрај на одлуката на Државната изборна комисија и од тие прични беше неопходно Владата само да ги појасни членовите од законот кои ги дефинираат овие одредби, изјави Поповски.
Во уредбата од Владата, подвлече Поповски, само се додефинирани условите и одредбите кои ги содржи изборниот законик, донесени од ДИК и кои се неопходно да се почитуваат и применуваат за време на изборниот процес.
– Ова е техничка влада што требаше да спроведе фер и демократски избори, а сега е во улога да ги менаџира сите состојби поврзани со КОВИД-19. Она што вчера беше донесено, е дека за да нема нејаснотија од апсект како ДИК ги толкува одредбите и правилата поврзани со медиумското претставување за време на изборите на политичките партии, владата само го додефинира овие одредби и притоа го зголемивме времето за огласување, поточно за политички маркетинг од 10 на 15 часа, што е значајно во насока на подобрување на финансиската состојба на медиумите, изјави Поповски.