Владата е целосно посветена на транспаретноста и отвореноста кон јавноста и медиумите. Транспарентноста и отвореноста значи одговорно владеење. Оваа и многу вакви дебати е вистинскиот правец како можеме заеднички да ја смениме културата на политичко однесување во општеството, а ние тоа го правиме.
Ова го истакна дека министерот без ресор во Владата, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски на дебатата на тема „Предизвици на Владата и институциите во зголемување на транспарентноста пред медиумите и граѓаните“ што се одржа во организација на Здружението на новинари на Македонија.
Во Република Македонија отвореноста и достапноста до информациите беше табу тема, рече Поповски и додаде дека пред неколку дена првпат во политичката историја на независна Република Македонија, Владата ги објави трошоците на премиерот, министрите, замениците-министри, државните секретари и генералниот секретар во периодот од 1 јуни до 1 декември 2017 година.
– Изработивме алатка за транспарентност, ја презентиравме и таа ќе биде достапна на сите институции. Се соочивме со една ситуација која мора темелно да се менува, а тоа е процес за кој треба поддршка од сите сегменти на општеството. Службите, администрацијата итн. едноставно немаат навика, ниту досега имале задолжение да комуницираат со јавноста и кај нив одеднаш има исплашеност од тоа што треба да го направат а во многу случаи и незнаење, рече Поповски.
Нагласи дека администрацијата е пред темелни реформи, бројката овие денови ќе биде прецизно соопштена, но, појасни, нејзиниот квалитет е едно од суштинските прашања кое ќе остане отворено и треба да се посвети големо внимание.
– Не можеме да ја постигнеме транспарентноста ако системот на институциите не функционира и ако луѓето кои се внатре или незнаат или не сакаат да дадат информации. Го укинавме владиното рекламирање, ги отворивме седниците на Владата, дневниот ред се објавува редовно, владиниот портпарол секоја среда држи прес-конференција од која се врши директен пренос и тој одговара на сите прашања, се вратија јавните дебати во јавноста, тоа го направија медиумите, на кои учествуваат функционери, јавно се објавуваат сите тендерски постапки и склучените договори, а тенденција е сите институции да имаат унифицирана веб страница, рече Поповски.
Истакна дека Владата има декларативна заложба одредени информации кои биле сметани како тајни во минатото сега да бидат отворени. Според него, без квалитетен правосуден систем нема да има вистински реформи кога станува збор за транспарентност. Беше посочен и примерот со јавните дебати за Законот за пристап до информации од јавен карактер, како и за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за кој утре ќе има комисиска расправа.
Поповски рече дека заштедите на оваа Влада се повеќе од двојно поголеми во однос на составот на претходната влада на Груевски. Денеска и вчера, потенцира, во јавноста имаше многу коментари околу трошењата на некои министри во ставката која се однесува на трошења од Буџетот за угостителски услуги во институциите на Владата.
– Во таа ставка за жал некои административни службеници и покрај укажувањата не го разбрале податокот и фактот дека е неопходно да ги пријават само трошењата на министрите, а не на сите кои се овластени да потпишат на кажеме кафе, вода… во рамките на министерствата и тука има една мала недоследност која ќе се искоригира. Кај некои колеги се пријавени трошоци вкупни, кумулативни за целото Министерство. Но, кога ќе ги земете и кумулативните, какви и да земете се многу различни од реалните трошења кои една од владите на Никола Груевски ги правела, рече Поповски.
Појасни дека соодносот на премиерот Зоран Заев со Никола Груевски е два спрема еден во заштеда. Овој концепт, како што кажа, ќе продолжи и за многу други носители на функции, директори…
Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани истакна дека за разлика од претходната пракса добро е што Владата веќе декларативно има заложби да биде транспарентна и има и конкретни мерки што ги има преземено со цел новинарите да имаат повеќе информации. Посочи дека се додека нема политичка одговорност, но и санкции кон оние функционери кои не даваат информации, а се барани од новинарите и очекувани од страна на јавноста, не може да се смета дека ќе има сериозна демократија.
Истражувачкиот новинар Сашка Цветкоска рече дека е факт оти оваа Влада факт го сменила пристапот кон новинарите и медиумите и добро е тоа што има транспарентност на дело. Според неа, проблемот што останува е одговорноста или неодговорноста на институциите и на јавните функционери кога има јавен податок, кога тој ќе биде пренесен во медиумите и ќе биде евидентно сфатено дека има злоупотреба на службена должност и прекршување на одредени закони, а кога не се постапува од страна на институциите.