Полицијата одбила да прими пријави од измамени купувачи на „Хоме фактори“, никој не го бара газдата

Од:

Муштериите на „Хоме фактори“, кои останаа без производи и пари, се жалат дека нема каде да ја пријават измамата, но и штетата што им е нанесена. Тие велат дека не можат да бараат правда бидејќи некои од нив, кога отишле да го пријават случајот во полициска станица, биле вратени назад со образложение дека не може да процесираат таква пријава бидејќи не е во нивна надлежност. Револтирани, случајот го пријавиле во Пазарната инспекција, од каде што, поради недоволната транспаретност, не кажуваат до каде е постапката против газдата Муамер Шенѓул на кого му се губи секаква трага.

„Не знаеме каде да се обратиме. Пријавивме по Полцииската станица Карпош, но пријавата не беше процесирана. Ми рекоа да се обратам во Пазарната инспекција. Се обратив и таму, но немам никаква информација за тоа дали воопшто постапуваат по пријавата. Останавме без производи и пари, а никој не бара одговорност“, вели револтирана муштерика.

Од МВР, пак, велат дека немаат добиено пријава против фирмата и газдата, кои измамија купувачи.

„Ве известуваме дека на подрачјето на СВР Скопје не е пријавен ваков настан“, велат од Министерството.

Според информации на „А1он“, камион со производи на фирмата повеќе од еден месец стои на границата, но не може да влезе на македонска територија бидејќи ги нема платено давачките кон државата за да ја помине царината. Непознато е дали тоа се нарачките на муштериите ниту, пак, дали газдата воопшто планира да изврши испорака на пратките.

Салонот на фирмата „Хоме фактори“ е веќе еден месец празен, телефоните се исклучени, а никој не може да стапи во контакт со одговорните лица. Муштерии со месеци чекале да им достават собни врати за што уплаќале авансни суми. Речиси еден месец помина кога тие сфатија дека се измамени, но и натаму не е поведена никаква постапка. „А1он“ се обиде да стапи во контакт со него, но безуспешно. Фирмата е должник и во Управата за јавни приходи, покажуваат податоците до кои дојде „А1он“.

На социјалната мрежа „Фејсбук“ фирмата последен пат се промовирала на 12 август, каде што наведува дека има голема промоција на производите, со 10-годишна гаранција. Телефоните оставени за контакт не се достапни. Купувачите стравуваат дека случајот ќе остане нерешен, а штетата нема да им биде надоместена.

Би можело да ве интересира

Втора измама за биткоини во Куманово за само една недела

Измамник од Тетово зел автомобил од познаник и го продал

Измамема жена од Велес, останала без 600 евра

Скопјанец му дал 50.000 денари на лице кое лажно се претставило дека работи во МВР

Измамник не платил за нарачаниот градежен материјал

Тетовчанец со лажни документи го прогласиле за починат и му го зеле имотот