Околу три илјади ученици од деветто одделение од Тетово и Гостивар, наредниве два месеци ќе проследат предавања на кои ќе бидат информириани за последици од користење наркотични дроги и конзумирање алкохол и опасноста од трговијата со луѓе.
Активностите ги спроведува СВР Тетово преку два нови превентивно-едукативни проекти „Превенција од злоупотреба на дроги и алкохол“ и „Превенција од трговија со луѓе-деца“.
Според портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски, носител на проектите е Отсекот за превенција и се во соработка со тетовската и гостиварската локална самоуправа.
– Овие проекти треба да се спроведуваат наредниве два месеци и со нив да бидат опфатени над 3.000 ученици од деветто одделение. Тие на посебни часови поблиску ќе бидат информирани за негативните здравствени, социјални, семејни и други последици од користење наркотични дроги и конзумирање алкохол, но и за законските импликации кои се однесуваат на овие општествено девијантни појави, вели Јосифоски.
Предавањата ги одржуваат стручно обучени полициски службеници, кои ќе ги запознаат деветоодделенците што претставува трговијата со луѓе, како да ги препознаат нејзините почетни облици и како најефикасно да се заштитат.
Првите предавања веќе стартуваа во гостиварските основни училишта, по што ќе продолжат и во другите.