Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ги поедностави условите за исклучување на корисниците на топлинска енергија од системот чии што станови се празни, односно не се користат, информира денеска преседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
– Во текот на минатата недела донесовме измени на Правилата за снабдување со топлинска енергија, бидејќи воочивме дека има голем број на граѓани кои времено ја напуштаат нашата држава или не се присутни во своите станови. Најчесто е тоа поради одење во странство за одреден период и исто така заради смртни случи и оставниски постапки. Со измените на овие потрошувачи без никакви дополнително услови на нивно барање им е дозволено да се исклучат од системот за греење во текот на грејната сезона и при тоа ќе бидат обврзани да плаќаат фиксен надоместок од 500 до 1.000 денари во зависност од карактеристиките на зградата и колку потрошувачи се исклучени со цел да не ги оштетат останатите станари кои користат топлинска енергија, рече Бислимоски на денешната прес-конференција.
Досега, посочи тој, праксата беше овие потрошувачи да плаќаат целосна сметка иако не се во своите станови. Такви потрошувачи, како што рече, во моментов има 500 до 600 и тие се подготвени кога ќе се вратат во своите станови повторно да бидат вклучени во системот во било која грејна сезона.
– Граѓаните ќе треба да достават само барање за исклучување и изјава до Снабдувачот, кое практично и автоматски ќе се прифати, со што овие граѓани ќе го плаќаат фиксниот надоместок за топлинска енергија. Но, по завршувањето на грејната сезона овие граѓани ќе мора да потврдат дека станот бил празен во текот на грејната сезона со тоа што во мај наредната година ќе треба да приложат сметки за електрична енергија со максимална дозволена фактурирана потрошувачка до 50 киловат часови месечно или максимално до 350 киловат часови за изминатата грејна сезона, појасни Бислимоски.
Тој истакна дека годинава БЕГ ќе има дополнителни 10 мегавати за потрошувачите на топлинска енергија и ќе бидат приклучени на системот околу 25 до 30 новоизградени станбени објекти, првпат по многу години ќе има 15 нови потрошувачи во Скопје Север, а во Железара на системот на ЕСМ Енергетика ќе се приклучат пет нови станбени објекти на дистрибутивната мрежа.
– Има најава и за нови потрошувачи и тоа во наредниот период би значело порамномерно распоредување на трошоците, односно задржување на овие цени за топлинска енергија или нивно намалување доколку цената на природниот гас остане во сегашните рамки, истакна Бислимоски.
Претседателот на РКЕ рече и дека ќе се наплаќа паушал наместо цели сметки за становите во кои привремено не живее никој, односно на сопствениците ќе им се дозволи да се исклучат од системот, но на крајот на грејната сезона ќе треба да достават сметка за струја како доказ дека станот бил празен.