„Сведоци сме на секојдневни различни информации како и на кој начин ќе биде решен спорот со името, при што кај македонските граѓани голема е неизвесноста и стравот дека по секоја цена власта е решена да прифати решение, име кое го нуди Грција. Највероjатно, последните најави за решение за името се точни, дека македонската страна веќе има прифатено промена на името, но истовремено и промена на уставот, која би требало да се случи со влегувањето во ЕУ.
А, што е различно дали таа промена ќе биде сега или по две години, кога ние во овој момент би се согласиле и прифатиле меѓународен договор, изгласан во ОН и се обврзиме дека ќе следи промена на уставот, каде прифаќаме ново име, нов наслов со новото име на државата (читај Устав на Република Горна Македонија), во кој живее горномакедонски народ и зборува горномакедонски јазик.
ПОДЕМ, по кој знае кој пат ги повикува македонските преговарачи, да имаат во предвид дека македонскиот народ не прифаќа промена на уставот, идентитетот и јазикот. Тоа сакале или не, оваа влада мора да свати и разбери, дека Република Македонија и припаѓа на македонскиот народ, а не лична своина на поединци.
Прашањето на името на Република Македонија за нас е уште посуштинско. Затоа ПОДЕМ очекува отворени врати и отворен ум од официјалната македонска преговарачка страна. Но, отворени врати и ум за сите нас кои што живееме во Македонија, и кои што сакаме и секогаш да живееме во земја која се вика Македонија“, се вели во соопштението на ПОДЕМ.