Во средината на мај Државната изборна комисија ќе ја започне постапката за јавна набавка на интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите што треба да се примени на локалните избори предвидени за втората половина на октомври. За таа цел Владата одобрила 720 милиони денари за што преку Министерството за финансии ја известила Комисијата која на денешната седница ги усвои измените на планот за јавни набавки и за почетокот на набавка на терминалите.
Потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху на седницата информираше дека во мај ќе почне постапката за јавна набавка на интегрираниот систем за биометриска идентификација на гласачите и оти проценета вредност на договорот е 720 милиони денари. Според Шеху, останатите постапки ќе почнат во јуни и јули, а таа верува дека до средината на август ќе бидат спроведени сите постапки и склучени договори за локалните избори.
-Постапката ќе биде отворена. Другата недела планираме да спроведеме и технички дијалог, што ќе трае пет дена. Постапката ќе биде јавна и транспаретна. Ќе оди преку Електронскиот систем за јавни набавки. Сите заинтересирани понудувачи или оператори домашни или странски можат да даваат свои препораки, да даваат забелешки на нашата изготвена веќе нацрт – тендерска документација и барање за техничкиот дијалог што се однесува до системот за биометриска идентификација на гласачите, рече Шеху.
Најави дека јавноста ќе биде информирана за текот на набавката и за тоа колку понуди ќе има.