На универзитетите во Македонија денеска почнува новата академска 2016/2017 година.
За новите студенти ќе биде организиран прв академски час на факултетите, а на некои од нив ќе присуствуваат ректорите на универзитетите и претставници од ресорното Министерство.
Новиот ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски ќе присуствува на првиот академски час на студентите на Факултетот на информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) во Домот на АРМ.
Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска, пак, ќе се обрати на првиот час на Факултетот за информатички и комуникациски технологии на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, а заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) Штип Блажо Боев на свеченоста пред новите студенти на УГД.
Предавање по повод првиот академски час ќе се одржи за питомците и студентите на воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во касарна „Гоце Делчев“ во Скопје, а свеченост за новите студенти ќе има и на Државниот универзитет во Тетово (ДУТ) на која ќе присуствува ректорот, Вулнет Амети.