Почнува 33. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“

Од:

Во Битола вечер свечено ќе биде отворен 33. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Под мотото „Продолжи да создаваш“, до 21 септември ќе бидат прикажани 74 наслови од светската и македонската кинематографија, од кои 11 се во официјалната конкуренција во трка за наградите „Камера 300“.

Фестивалот ќе го прогласи отворен неговиот покровител – претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Првпат во својата историја, „Браќа Манаки“ ќе биде отворен и затворен со македонски филмови во главната програма – вечерва со премиерата на „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, а в петок со „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски.

Ексклузивна гостинка е француската филмска дива Катрин Денев која вчера пристигна во Битола, а вечер на свеченото отворање ќе ја прими Специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност. Специјална награда „Златна камера 300“ ќе добие и австрискиот директор на фотографија Кристијан Бергер, а „Златна камера 300“ за животно дело ќе му биде врачена на италијанскиот кинематографер Лучано Товоли на затворањето на фестивалот.

За филмовите во натпреварувачката програма што ќе ги добијат трите награди (Златна, Сребрена и Бронзена камера 300) ќе одлучува петчлено интернационално жири под претседателство на кинематограферот Фред Келемен.

Од 74 филма распоредени во девет програмски селекции, дури 28 се македонски. Годинава на ИФФК има околу 300 домашни и над 150 странски гости и околу 150 акредитирани новинари.

Голем е интересот за новиот филм на Митревски кој, како и филмот за затворање „Балканот не е мртов“ на Поповски, се во продукција на „Кино око“. Поради големиот интерес од публиката, вечер во Центарот за култура во Битола ќе има две проекции на „Трето полувреме“ – од 20 и од 23 часот. Акредитирани се и триесетина бугарски медиуми зашто филмот уште незавршен кај нив предизвика реакции дека е антибугарски и дека ја прикажува Бугарија како фашистички сојузник во почетокот на 1940-тите години.

Митревски на прес-конференцијата во Скопје рече дека приказната во филмот се базира на факти и е филм за мали, обични луѓе. Уверен е дека бугарските новинари по премиерата ќе видат дека не станува збор за антибугарски филм.

Филмот почна да се снима минатиот септември. Тематизира вистинска приказна за фудбалскиот клуб „Македонија“ (претходникот на „Вардар“) и неговиот влез во финале во Лигата. Воедно ја раскажува и љубовната приказна на Еврејката Ребека која го избегнала холокаустот и депортацијата на 7.200 македонски Евреи во логорот Треблинка. Филмскиот лик се темели на автентична личност – скопската Еврејка Нета Коен, чие сведоштво е архивирано во фондацијата ШОА на Спилберг во Лос Анџелес и е меѓу интервјуата на над 50.000 преживеани Евреи во светот.

Ликот на Ребека го игра манекенката Катарина Ивановска, а главниот машки лик Сашко Коцев. Во екипата се околу 60 актери и 1.500 статисти за масовните сцени. Вметнат е и архивски материјал, како што се снимките од окупацијата во 1941. Директор на фотографија е Клаус Фуксјагер, музиката е на Кирил Џајковски, костимограф е Жаклина Крстевска и сценограф Иван Бартлинг.

Буџетот на филмот е над 2 милиони евра. Владата на РМ го прогласи за филм од национален интерес, а пред два дена беше избран и за македонски кандидат за Оскар во категоријата филмови од неанглиско говорно подрачје.

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ