Почна учебната 2014/2015, новина се учебниците по програма од Кембриџ

Од:

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми им посака успешна нова учебна година на околу 280.000 основци и средношколци и на 20.000 првачиња кои првпат седнуваат во училишните клупи, како и на наставниот кадар и на сите што се вклучени во образовниот процес.

Заедно со заменик-министерот Спиро Ристовски тој го посети основното училиште „Мирче Ацев“ во општина Ѓорче Петров, а заедно ќе го пуштат во употреба и новиот објект на ОУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево, изграден со средства од Владата на НР Кина. Адеми денеска го посети и реконструираното ОУ „Бајрам Шабани“ во Сарај.

Новина за учениците од прво, второ и трето одделение се учебниците по математика и по природни науки по програма на Кембриџ. Рече дека се секаде дистрибуирани, како и сите други учебници во сите одделенија кои се бесплатни за учениците.

– Ова е најголема новост за оваа учебна година, затоа што Македонија првпат ги има овие програми и е единствената земја во регионот што ги воведува во образовниот систем. Учебниците се квалитетни и прилагодени за нашите прилики и за возраста на учениците. Оваа година учениците од прво до трето ги имаат предметите математика и природни науки. Следната година ќе продолжиме со четврто, петто и шесто одделение. Проектот ќе биде заокружен кога тие ќе бидат воведени до деветто одделение, рече Адеми по посетата на ОУ „Мирче Ацев“, нагласувајќи дека се работи за една од најкрупните реформи во образованието.

Заедно со учебниците по програмата од Кембриџ се дистрибуирани и работни тетратки. Наставниците се обучени по тие предмети, а на располагање имаат и прирачници. Доколку се потребни дополнителни помагала за математика, рече Адеми, нив може да ги  набават општините.  – Колку што сум информиран, училиштата треба сами да ги набават, додаде Адеми.

Министерот соопшти и дека оваа година се реконструирани 33 објекти на основни и на средни училишта, а се изградени три нови објекти.

– Остануваме посветени во инвестирањето во образованието, зашто долгорочно тоа се враќа со изградено здраво општество, истакна Адеми.

Меѓу 280.000 ученици во 2014/2015 година има и околу 20.000. Адеми  потврди дека продолжува падот на бројот на новозапишани првачиња.

– Оваа година се приближно 20.000, а лани беа околу 21.500 деца. Бројот се уште не е конечен, зашто и денеска трае рокот за запишување, но бројот се движи околу 20.000, рече министерот за образование и наука.

Би можело да ве интересира

Јаневска: МОН со закон ќе го официјализира дуалното образование

МОН: Над 1.000 асистенти во новата учебна година ќе бидат поддршка на учениците со попреченост

МОН: Од утре ќе се исплаќа неисплатената финансиска поддршка за основци и средношколци

МОН: Нов електронски дневник за работа на училиштата, по тестирањето ќе почне неговата официјална примена

Горан Наумовски

МОН со препорака за скратени часови и со насоки за заштита на учениците од високите температури

МОН: Наставата наместо во саботи ќе се надомести во работни денови