Судењето на Марјан Стаменковски од „ДоказМ“ почна со исклучување на јавноста и зад затворени врати.
Обвинителката Зорица Павловиќ предложи да се исклучи јавноста од предметот затоа што се работи за кривични дела против моралот и да се заштити приватниот живот. Се работи за информации кои се однесуваат и на интимниот живот, рече таа.
Судијката Марија Клетничка Марковска која го води процесот го прифати предлогот од отворањето на заседанието до завршување на јавна расправа да се исклучи јавноста во дел од расправата или цела.
Уцена, пиратерија, ширење расистички и ксенофобични материјали и злоупотреба на лични податоци се кривичните дела за кои се товари Стаменковски. Од Обвинителството, по приведувањето и одредениот притвор за Стаменковски пред еден месец, ги повикаа сите кои биле жртви на сопственикот на „ДоказМ“ да се охрабрат и да го пријават.
Против Стаменковски има повеќе пријави, меѓу кои од една телевизија дека без одобрение ставал на располагања видеа кои се заштитено аудиовизуелно дело, од свештеници поради ширење омраза и нетрпеливост кон нив преку текстови на својот портал и поттикнување тие да бидат избркани од манастирот, како и од две новинарки.
Во судницата присутни се шесте оштетени кои биле цел на Стаменковски, меѓу кои новинарките Валентина Вурмо и Ирена Мулачка.
Во претресот во станот каде живее беа пронајдени документација, електронски уреди кои се вештачат, како и поголема сума пари за кои постои сомнеж дека потекнуваат од кривично дело.