Шест месеци по бегството на Никола Груевски, институциите сè уште не презедоа одговорност. Не се утврди дали и кој му помогнал, но и каде е пропустот. Министерството за внатрешни работи води истрага за бегството на експремиерот, но резултати нема. Основното јавно обвинителство отвори предистражна постапка шест дена по бегството, но и по шест месеци нема осомничени лица, иако соопшти дека службени лица му помогнале да избега. Шефицата на Обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска, истражува дали има пропуст кај министерот Оливер Спасовски, но и директорите на БЈБ и УБК. Министерот за внатрешни работи одговорноста ја префрли кај судот оти не му определиле мерка притвор за да не избега.
Јавноста постојано слуша најави од Спасовски дека МВР се сомнева во неколку лица дека му помогнале на Груевски да ја напушти Македонија, но никогаш не ги кажа нивните имиња. Заев нагласи дека ги знае сите детали за истрагата што ја води МВР, но и тој шест месеци молчи. Бегството на Груевски, за кое никој нема одговорност, остава сомнеж, имајќи ги предвид и фактите дека државата има стотици разузнавачи во службите, бегалецот Никола Груевски имаше 24-часовно обезбедување доделено од МВР, но никој не дојде до одговор на клучното прашње кој го планирал, кои лица помогнале и како избега експремиерот.
Додека институциите си ја префрлаат одговорноста и нема одговор на клучните прашања, бегалецот Груевски и натаму е пратеник во Собранието од каде зема плата што ја троши во Будимпешта. За шест месеци, тој успеа да направи повеќе отколку институциите во државата. Даде десетици интервјуа, постојано е активен на социјалните мрежи, пишува колумни за македонски интернет-портали, се шета низ трговски центри, се дружи со пријатели кои одат во Унгарија за да го посетат, а последно издаде и книга што ја пласираше на македонскиот пазар.
Иако е бегалец и живее во Унгарија, неговото отсуство не се чувствува. Тој постојано се потсмева на Владата и нејзините политики, а на објавените статуси добива илјадници лајкови за поддршка. Честита празници, потсетува на политиките што ги имаше ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт, цитира мисли од познати филозофи, но и обвинува за политички прогон.
Во јавноста се создаде впечаток дека бегалецот Никола Груевски е недопирлив за правдата, но и правната држава. Јавноста не знае дали истрагата за неговото бегство напредува или, пак, стои во место. Постојано се најавува дека деталите ќе бидат познати, Заев тврди дека неговиот претходник ќе го вратат во државата за да ја одлежи затворската казна, но јавноста вели дека тоа се празни зборови.
Последно во низата настани за овие шест месеци е одбивање на Интерпол да ја објави меѓународната потерница за експремиерот Никола Груевски. „А1он“ праша во МВР кога била испратена потерницата за Груевски до Интерпол, кога е добиено известување дека нема да биде објавена, дали и претходно Интерпол одбивало да објави потерници, но и по една недела, одговор не добивме. Министерот Спасовски на јавен настан, штуро и без концизен одговор, рече дека нема правни пречки Интерпол да ја објави потерницата.
Кристијан Ландов