По онлајн нарачка „Тинекс“ ѝ доставил мувлосани мандарини и лимони на скопјанка во домашна изолација

Од:

Последниве неколку дена социјалните мрежи се преплавени со незадоволни потрошувачи кои се жалат дека доставувањето на онлајн нарачките доцни, а кога ќе стигне добиваат мувлосани мандарини и лимони и само половина од производите што ги нарачале и ги платиле.

Скопјанка која со детето е во целосна изолација откако сопругот се заразил со коронавирус и е сместен на Инфективната клиника, е меѓу онлајн купувачите кои место свежи добиле мувлосани производи.

„Нарачката ми ја доставија пред врата и за да немаме контакт, чекав доставувачот да си замине па да ги земам. Во кесите добив мувлосани мандарини и лимони, поцрнети банани, овенати марули, пожолтени и омекнати краставици, а голем дел од производите што ги нарачав воопшто ги немаше. Бидејќи за нарачката веќе платив, доставувачот на телефон ми објасни дека за производите што не ми се доставени пари ќе ми бидат вратени на сметка. Откако ги видов производите се обидов повторно да го добијам, но не успеав. Му пишав порака дека ми донел мувлосани производи, но одговор се уште немам. Пријавив и на официјалниот имејл на ’Тинекс’, но и од таму немам никаков одговор. Ги сликав мандарините и бананите и ги објавив на ’Фејсбук’ за да престанат со злоупотреби во вакво лошо време за сите. На крајот на краиштата плаќаме регуларно“, вели скопјанката и нагласува дека за среќа постојат луѓе кои се понудиле да пазарат за неа па и донеле свежи производи.

Скопјанка во домашна изолација се жали дека добила мувлосани мандарини и лимони и овенати марули

Иако социјалните мрежи се полни со слични вакви примери, од Државниот инспекторат велат дека кај нив нема ниту една пријава за онлајн нарачки во домашните маркети.

Директорот Стојко Пауновски во изјава за „А1он“ советува сите незадоволни потрошувачи да поднесат претставка.

„Ако се работи за маркети од земјава многу лесно можеме да постапиме, но не можеме да реагираме по објави на ’Фејсбук’. Незадоволните потрошувачи доволно е да ги сликаат производите што ги добиле, да ја чуваат фискалната сметка и да поднесат претставка. Вакви случаи не може да пријавуваат на телефонскиот број 191 бидејќи ни требаат и докази, фискалната и слика од производите“ вели за „А1он“ директорот Пауновски.

„Тинекс“ не одговорил на пораките од скопјанката кога пријавила дека добила мувлосани место свежи производи

Речиси сите поголеми маркети во Скопје веќе имаат казни за непочитување на Уредбата за замрзнати цени на производите.

„’Тинекс’ во вторникот доби платен налог од 10.500 евра за непочитување на Уредбата. И кај нив, исто како кај ’Веро’, ’Рамстор’ и ’КАМ’ инспекторите и по предупредувањата откриваа производи со недозволени цени и сите се казнети и тоа не само лимони и мандарини туку и брашно и тестенини. Инспекторите казнуваат доколку најдат макар само еден производ кој отстапува од максимално дозволената цена“, рече директорот Пауновски.

Нема пријави за онлајн нарачките ниту во Организацијата на потрошувачи на Македонија. Од таму ги охрабруваат потрошувачите да пријавуваат нерегуларност и кај нив за да може да се постапува.

Директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, апелира потрошувачите доколку се незадоволни да ги сликаат производите и фискалната сметка и да поднесат претставка

„Во случај да добијат мувлосани производи потрошувачите треба да ја чуваат сметката и веднаш да побараат да им бидат вратени парите затоа што, во крајна линија, не го добиле тоа што го нарачале. Треба да пријават и кај нас, за да можеме да постапиме понатака, но засега немаме вакви пријави“, вели Маријана Лончар – Велкова претседателка на Организацијата на потрошувачи на Македонија во изјава за „А1он“.

„Тинекс“ не одговори на прашањата од „А1он“ за мувлосаните производи на кои се жалат скопјани дека ги добиле преку онлајн нарачка кај нив.

Би можело да ве интересира

Пазарен инспектор од Струмица земал мито, во притвор е

Катерина Ѓуровски

Да се замрзнат цените на основните прехранбени производи бара Организацијата на портошувачи

ДПИ за една недела извршил над 600 надзори и издал 110 прекршочни налози

Ана Ололовска

Над 250 платни налози изречени при контролите на Пазарниот инспекторат во првата половина на мај

Ана Ололовска

ДПИ: При вчерашните контроли на „Кванташки“ изречени парични казни од над 580.000 денари и 30-дневни забрани за вршење дејност

Ана Ололовска

На Кванташки вчера биле одземени над 15 тони овошје и зеленчук, пријави и казни за прекршителите

Ана Ололовска