Поповите апелираат викендов за Задушница, да не се прави метеж на гробиштата и да се почитуваат постојните мерки за заштита од коронавирусот. За оваа Задушница нема дополнителни ограничувања како за онаа во јуни минатата година, кога не беше дозволено да се оди на гробишта, но на сила се мерки кои го ограничуваат групирањето и задолжително е носење маска. Отец Бобан Митевски, презвитер во Скопската епархија, советува и да не се раздава.
„Да се почитуваат мерките за заштита, носење маски, на гробовите да не се создава масовност, односно да посетуваат еден до двајца од најблиското семејство. Да не се раздава ништо, туку да се спроведе само молитвениот чин, со принос на вино, печеница и леб“, вели отец Митевски.
Попови за оваа Задушница на гробиштата ќе има, а оние кои нема да отидат на гробишта, може да се помолат за починатите во црквите.
Ова е трета по ред Задушница во пандемијата. Во јуни минатата година пред Задушница беше воведен полициски час кој траеше цел викенд, а во ноември беше дозволена посета на гробиштата со исти мерки како и сега.
Забрането е групирање на повеќе од четири лица, задолжително е носење маска и се препорачува честа дезинфекција.
Поради верскиот празник денес и утре ЈСП вклучи дополнителен број автобуси на линиите 59, 59А и 59Б.