Сезонскиот грип стивнува, морбилите се шират, известуваат од Институтот за јавно здравје. Морбилите се раширени во 19 градови во Македонија, а активни епидемии на мали сипаници има во шест здравствени региони – Скопје, Тетово, Куманово, Гевгелија, Кичево и Струга.
„Морбилите се шират надвор од Скопје, сè повеќе градови се зафатени. Има шест жаришта каде што се прогласени епидемии, но се појавија и во други градови, каде што, иако не е прогласена епидемија, имаме случаи на морбили. Повеќето од новите случаи не се епидемиолошки поврзани со скопските случаи. Има заболени во Куманово, Тетово, Струга, Гевгелија, Дебар, Гостивар, Велес, Кичево, Кочани, Штип и во уште осум градови има поединечни случаи, по еден-два во Свети Николе, Виница, Крива Паланка, Радовиш. Бројките на новозаразени во изминатата недела ќе ги објавиме денес“, изјави доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје за „А1 он“.
Според последниот извештај на Институтот, од минатата недела бројот на заразени со морбили од почетокот на епидемијата во јануари е 835. Во истиот период од морбили починаа три деца.
Од Институтот велат дека за разлика од морбилите, кои сè уште се шират, стивнува вирусот на грипот. Доктор Микиќ вели дека изминатава недела регистрирани биле 40 отсто помалку заболени отколку претходната недела.
„Бројот на заболени од грип конечно се намали. Сега е под онаа граница за сезонска активност што укажува дека сезоната е пред самиот крај. Имавме 283 случаи пријавени на неделно ниво и немаше смртни случаи регистрирани оваа недела“, вели доктор Микиќ.
Вкупната бројка на смртни случаи асоцирани со грип оваа сезона е 28. Доктор Микиќ објаснува дека сезоната на грип годинава била невообичаена.
„Она што е невообичаено за овој период е тоа што имаме многу долга сезона, никогаш не сме имале толку долга сезона на грип во однос на тоа колку позитивни резултати имаме. И оваа недела имавме пристигнати 18 брисови, од кои 40 отсто сè уште се позитивни. Тоа значи дека иако се намалува бројот на пријавени случаи, вирусот сè уште циркулира. За среќа, се намали бројот на заболени од типот H1, сега е подоминантен H3. И тој може да даде потешка слика, но не како H1. Очекуваме во наредните две недели веќе конечно и да престане. Официјално сезоната трае до 20. недела во годината“, изјави доктор Микиќ.
Продолжениот период докторите објаснуваат дека се должи на тоа што сезоната почнала подоцна отколку вообичаено и на посилната вирулентност на вирусот. Сезоната на грипот вообичаено почнува во 40. недела од претходната година и трае до 20. недела во тековната година.
Во сезоната 2018/2019 година во Македонија се регистрирани 20.940 заболени од грип.
Маја Илиевска-Пачемска