Велешанецот кој пијан и со огромна брзина удри мајка и ќерка на пешачки во Велес, при што 11 годишната Магдалена почина, има обвинение, но Обвинителството одлучило да не се покрене постапка за „Помагање“ за тројцата совозачи но и селаните кои со денови го криеле сторителот и не давале информации кој е возачот. Ова го објави адвокатот Јанаки Митровски, кој на социјалната мрежа Фејсбук изрази негодување од ваквата одлука.
„Во врска со обвинението за возачот кој усмрти 11-годишно девојче во Велес, како правен застапник на семејството на починатата 11 годишна Магдалена од Велес која беше прегазена на пешачки премин при што причинителот избега, ја искажувам мојата и разочараноста на семејството од одлуката на ОЈО Велес да не покрене постапка за кривично дело Помагање против тројцата совозачи на сторителот, како и против селаните кои го криеле сторителот“, вели тој.
Како предметот е сеуште во фаза во која може да трпи измени и проширување, апелираме и очекуваме ОЈО Велес да постапи во правец на обвинување и на совозачите (кои не даваа информација за тоа кој е сторител) и за селаните кои со денови го криеле сторителот, вели адвокатот Митревски.
И додава дека и брзината од 68 километри на час која е утврдена со вешт наод и мислење за нив е дискутабилна бидејки родителите се сведоци дека сторителот возел со брзина од над 100 km/h во зона во која е дозволено 30km/h.
Обвинителството од Велес поднесе обвинение против 30-годишен велешанец кој во декември минатата година со автомобил прегази мајка и девојче на пешачки премин, при што девојчето почина од ударот.
– Иако бил во алкохолизирана состојба, тој управувал со автомобилот, па приоѓајќи во близина на обележан пешачки премин, не ги почитувал сообраќајните знаци. Возел со брзина од околу 68 километри на час, што е повеќе од двојно над дозволената брзина на критичниот дел од патот, каде постоел и сообраќаен знак за максимално дозволена брзина од 30 километри на час. Обвинетиот не обрнал внимание на пешаците и со автомобилот удрил во мајка и ќерка кои во тој момент поминувале преку обележаниот пешачки премин. Од ударот мајката се здобила со телесна повреда на челото. Девојчето, пак, било исфрлено 10-тина метри напред, до следниот пешачки премин, каде паднало на земја, се здобило со бројни тешки повреди во пределот на главата и екстремитетите и починало.
Наместо да застане и да им помогне на жртвите, обвинетиот со несмалена брзина продолжил да вози во правец кон населбата Превалец.
Обвинителниот акт е поткрепен со изјави на сведоци на настанот, фотодокументација и видео записи од камери на неколку околни објекти, како и со повеќе вештачења извршени по наредба на јавниот обвинител.
По несреќата, обвинетиот го оставил автомобилот на место подалеку од својот дом и го исклучил мобилниот телефон, па не бил достапен до 19.12.2022 година кога се предал на органите на прогонот. Ова за јавниот обвинител неспорно го потврдува стравот дека доколку се брани од слобода, тој би можел повторно да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон. Освен тоа, нему претходно веќе му биле изречени две прекршочни казни за забрана за управување со моторно возило поради алкохолизираност, кои не ги почитувал, што упатува на веројатност да го повтори кривичното дело, се велеше во соопштението на обвинителството.