Петровска: Во 2024 година два проценти од бруто – домашниот производ ќе бидат наменети за одбрана

Од:

Два проценти од бруто – домашниот производ ќе се одвојат за одбраната во 2024 година, од кои околу една третина ќе се насочат за модернизација и опремување, истакна министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Како што најави Петровска, буџетот за 2024 година ќе биде поголем од годинашниот за околу 50 милиони евра, а од вкупната сума која треба да изнесува околу 327 милиони евра, речиси 100 милиони се одвоени за модернизација што претставува зголемување за 10 милиони евра во споредба со 2023 година.

Таа нагласи дека значаен дел од буџетот ќе биде наменет и за реконструкција на објекти, како и за набавка на униформи, обувки, санитетски материјали, одржување на воена опрема, муниција и материјални средства за обуки и вежби.

-Одбранбениот буџет за 2024 година е во висина од историски 2,05 отсто од бруто – домашниот производ, од кои повторно една третина ќе бидат наменети за процесот на модернизација и опремување. Тоа ќе овозможи набавките на оклопните возила „JLTV“ и „Stryker“, системите за противвоздушна одбрана „Mistral 3“ и артилериските орудија „Boran“ да продолжат да пристигнуваат согласно договореното, истакна Петровска.

Потенцираше дека се очекува првите „Stryker“ возила да пристигнат до крајот на 2024 година, додека истовремено два хеликоптери кои се во фаза на ремонт треба да се вратат во државава во првата половина на следната година.

– Сакам да потенцирам дека на 15 декември со Република Чешка ја потпишавме и рамковната спогодба со која првпат системски се решаваат предизвиците со навремена набавка на резервни делови, поправка на делови и снабдување со потрошен материјал за потребите на воените воздухоплови, рече Петровска и нагласи дека воздухопловите ќе бидат функционални и оперативни се додека не бидат ставени во употреба новите осум повеќенаменски хеликоптери за кои процесот на набавка е при крај.

Министерката појасни дека со измените на Законот за служба во Армијата и бројните поволности за припадниците во зголемувањето на нивниот стандард, исплатата на надоместокот за станарина, отпремнината за професионалните војници со 45 години старост и подобрените услови за пензионирање, Армијата го зазеде местото во општеството на кое припаѓа.

– Наредната година тоа ќе го направиме и со новиот закон за вработените во Министерството за одбрана кој се наоѓа во собраниска процедура. Ако пратениците од која било партија навистина сакаат да го валоризираат трудот на вработените во одбраната кои се одговорни вклучително и за нивната безбедност како граѓани на оваа земја ќе го поддржат ова законско решение без никакви калкулации и уцени, нагласи таа.

Министерката потсети дека во 2023 година Министерството за одбрана инвестираше плански во зголемувањето на борбената готовност на Армијата, во набавката на нова и модерна опрема, но и во развојот на човечкиот потенцијал во одбраната, со што Армијата ги доби и конвоите на воени возила кои за потребите на нашата НАТО единица ги пренесуваат најмодерните и најсофистицираните оклопни возила до нивната крајна дестинација – касарната во Штип. Како што рече, оваа година секторот одбрана беше успешен и на меѓународен план.

– Како одговорна земја членка на НАТО продолживме и ќе продолжиме да придонесуваме кон безбедноста на Алијансата преку учество во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и Бугарија, исто како што го продолжуваме и нашиот придонес и кон регионалната безбедност. Нашите припадници остануваат во мисијата на НАТО во Косово, КФОР и во операцијата на ЕУ во БиХ, ЕУФОР – АЛТЕА, истакна Петровска оценувајќи дека билатералната соработка со сојузниците никогаш досега не била на повисоко ниво.

Таа потсети и дека е потпишан и 10-годишниот патоказ кој покажува како ќе се развива македонско-американската соработка во следната декада со секретарот за одбрана Лојд Остин, како и договорите за одбранбена соработка со Словенија и со Португалија.

– Министерството за одбрана годинава има троен успех на полето на транспарентноста. Го потврдивме лидерското место во делот на активната транспарентност, избивме на прво место според отвореноста не само во Република Северна Македонија, туку и во регионот и добивме потврда од Агенцијата за заштита на правата на слободен пристап до информациите од јавен карактер кои во извештајот за извршената проверка на објавените документи и информации не позиционираше на првото место со 100 – процентен број на бодови. Од нашата транспарентност, која е и наш златен стандард, нема да отстапиме и затоа ве уверувам дека нашата блиска соработка ќе продолжи и во 2024 година, нагласи министерката Славјанка Петровска на новогодишниот брифинг со новинарите.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Петровска: ВМРО-ДПМНЕ го одби амандманот за финансиски средства за бранителите

(ВИДЕО) Петровска: Христовски е незаконски именуван за директор на АНБ

Горан Наумовски

Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против Славјанка Петровска

Катерина Ѓуровски

Петровска бара ВМРО-ДПМНЕ да го задолжи Гаши да ја закаже Комисијата за Законот за бранители

Катерина Ѓуровски

Петровска: Целосно размонтирање на случајот за убиството пред „Мавровка“ – МВР криеше кои се убијците

Мицкоски: Ќе поднесам тужба за монструозните обвинувања на Петровска