Петмината уапсени за настаните во Собранието од 27-ми април и нападот врз пратеникот и лидер на Алијансата за Албанците, Зијадин Села се на распит во полициска станица, по што ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка.
Според Законот за кривична постапка, судија мора да одлучи во рок од 24 часа дали ќе им определи притвор.
Јавното обвинителство претходно извести дека е проширена истрагата за нападот на Села за уште пет лица за сторено кривично дело убиство во обид сторено во соизвршителство, од чл.123 во врска со чл. 19 и во врска со чл.22 од Кривичниот законик.
МВР во мај ги приведе К.Ѓ. (39) и Ц.Ѓ. (68), татко и син, за кои полицијата утврди дека физички го нападнале и го влечеле лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. По наредба на судија, полицијата тогаш извршила претрес на домот на К.Ѓ. при што биле „пронајдени и подигнати патики со траги слични на крв, облека и три мобилни телефони, кои со потврда за привремено одземени предмети му се одземени“. На двајцата им беше одреден притвор.