Во рамки на подготовките за претстојните локални избори, претседателот на НСДП Тито Петковски вчера во скопската општина Аеродром имаше работна средба со претседателите на општинските организации на партијата од првата изборна единица.
Пред раководствата на општинските организации претседателот Петковски истакна дека на следните избори треба да се гледа и како можност да се даде шанса и за граѓанските, партиски непрофилирани членови на локалните заедници, кои уживаат висок професионален и морален углед да се вклучат во раководењето со општините.
„Статутот на НСДП ни дозволува реално да градиме можност на локалните избори да дадеме шанса во политичкиот натпревар за градоначалници и општински советници да се вклучат и граѓаните кои немаат партиска идентификација, кои гравитираат кон граѓанскиот сектор, кој со недоверба гледаат на партиските кадровски политики. Цениме дека од суштинско значење за унапредување на квалитетот на животот во општините е да се даде шанса и на овие луѓе, на сите они кои имаат капацитет да понудат квалитетна програма, а немаат партиска профилираност“, рече претседателот на НСДП Тито Петковски.
Тој нагласи дека нема да се бараат никакви политички обврски кон партијата, туку сите тие луѓе ќе се мотивираат своите обврски и одговорности да ги насочат кон граѓаните, а НСДП ќе биде само нивна логистичка поддршка.