Агенијата за електронски комуникации (АЕК) годинава ќе потроши 5 милиони денари повеќе за плати на членовите во споредба со минатата година, а бројот на вработени ќе остане ист како лани. Ова беше соопштено на промоцијата на „Петтиот мониторинг извештај за работата на АЕК и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ)“, кој се однесува на последниот квартал од лани (октомври-декември).
„Вкупните расходи предвидени на Агенцијата за 2018 година изнесуваат исто колку и предвидените приходи (475 555 000 денари), од кои околу 85% се предвидени за четири расходни ставки: капитални средства, плати, опрема и интелектуални и други услуги. Втора најголема ставка во планираниот буџет се вкалкурираните плати во износ од 136 000 000 денари, односно 32,8 % од вкупниот буџет. Ова ставка е зголемена за 5 милиони денари во споредба со минатата година“, пишува во извештајот.
Една од најголемите ставки е интелектуални и други услуги (34.889.500 денари), односно нешто повеќе од 7% од целиот буџет предвиден за 2018 година. Најголем дел од оваа ставка е предвиден за консултантски услуги, по што следуваат услугите за обезбедување имот и лица. Трет трошок според големина во оваа ставка се договорните услуги за членовите на Комисијата, во висина од 5.600.000 денари. Доколку се направи пресметка и оваа сума се подели со бројот за АВМУ и за АЕК на членовите на Комисијата (пет), се добива сума од 1 120 000 денари (на годишно ниво) или 93 333 денари (на месечно ниво), кои се предвидени како месечен бруто-хонорар за секој член на Комисијата. И во 2017 година беше предвидена идентична сума за хонорари на членовите на Комисијата на АЕК.
Според Законот за електронски комуникации, членовите на Комисијата не се вработени во АЕК, а според Законот тие имаат право на месечен надомест во висина од четири просечни плати. Уште една голема ставка се дневниците за службено патување и патни трошоци, за кои во 2018 година се предвидени 8 850 000 денари, исто како и во 2017 година. „И во првиот квартален извештај, во кој го разработувавме буџетот за 2017 година, посочивме дека доколку се направи пресметка според која во 2018 година е предвидено да има 235 работни дена, тогаш секој работен ден во текот на годината Агенцијата ќе троши просечно 37 660 денари или нешто повеќе од 600 евра дневно за службени патувања и патни трошоци“, пишува во извештајот.
Во споредба со претходните години, во буџетот за 2018 година може да се забележи една голема разлика, а тоа е дека во ставката помош, донации и други давачки не се предвидени никакви средства. Презентацијата на извештајот за мониторингот на АЕК и АВМУ ја организираа Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
В. М.