Граѓанската асоцијација МОСТ ги набљудува изборите од самото нивно распишување. На терен се распоредени 80 долгорочни набљудувачи кои го набљудувааат изборниот процес во сите општини низ државата. Набљудувањето во овој период ги опфати активностите на институциите на централно и локално ниво, активностите на политичките партии, како и работата на изборните органи.
За периодот од 15 октомври до 20 ноември, од добиените 2.025 извештаи, забележани се следните нерегуларности:
- Непочитување на принципот на одвојување на државата од партијата – 43 случаи во 26 општини, односно присуство на фукционери и вработени во јавниот сектор на партиски настани во работно време и промовирање на политичари или политички партии на настани организирани од јавни институции;
- Притисоци врз вработените во јавниот сектор да посетуваат партиски митинзи на владејачката партија – 41 случај во 26 општини;
- Притисоци за гласање или обезбедување гласачи за владејачката партија – 7 случаи во 5 општини;
- Злоупотреба на јавни ресурси, односно употреба на службени возила за партиски цели – 7 случаи во 6 општини.
Исто така загрижуваат случаите на противзаконито располагање со буџетски средства за време на избори. Имено, регистриран е 1 случај на започнување со изградба на објект финансиран со јавни средства и 9 случаи на одржување на јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти финансирани со јавни средства. Според член 8-а од Изборниот законик, од денот на распишувањето на изборите до изборот на Владата на Република Македонија не може да се започне изградба на објекти финансирани со јавни средства кои не се предвидени со програма. Во периодот од 20 дена пред започнувањето на изборната кампања па до изборот на Владата на Република Македонија не може да се одржуваат јавни настани по повод започнувањето на изградба или пуштање во употреба на објекти финансирани со јавни средства.
Напоменуваме дека овие случаи содржат индиции за сторени кривични дела и, доколку се докажат, според Кривичниот законик за нив е предвидена казна затвор во траење од 6 месеци до 1 година. Сите јавно достапни докази кои Граѓанската асоцијација МОСТ ги поседува за овие случаи, по завршувањето на оваа прес-конференција ќе бидат доставени до Комисијата за следење на изборни нерегуларности која беше формирана од страна на Јавното обвинителство на Република Македонија, за понатамошно постапување.
Потенцираме дека МОСТ не е против изградба на објекти и подобрување на животот на граѓаните. МОСТ е против прекршувањето на Изборниот законик и бара обезбедување на фер и рамноправни услови за сите учесници во изборниот процес.
Забележан е тренд на користење на општински сали, домови за култура и други јавни установи за одржување на партиски состаноци и собири. Укажуваме дека доколку за оваа услуга не е испорачана фактура, тоа претставува прекршување на член 20 од Законот за финансирање на политички партии каде што експлицитно е наведено дека јавни установи не може да донираат за политички партии, а како донација се смета и бесплатното давање на услуги.
Институциите и процесите им припаѓааат на сите граѓани на РМ и никој нема право да ги злоупотребува за партиски цели.
Што се однесува до работата на изборната администрација, МОСТ го набљудуваше дополнувањето на составот на избирачките одбори од страна на општинските изборни комисии, при што кај 13 од 25 набљудувани комисии е забележано непочитување на принципот на случаен избор на членовите на ИО. Потсетуваме дека оваа практика беше забележана и на изборите во 2013 г. Исто така забележано беше дека дел од ОИК не беа доволно обучени за начинот на избор на членовите на избирачките одбори, како и за ракување со софтверот.
На една од седниците на ДИК се расправаше за проблеми со изборниот материјал од претходните избори, односно отсуство на печати од одреден број избирачки места и општински изборни комисии. Дел од нив воопшто не ни биле предадени на ДИК. Најпрво, апелираме до ДИК добро да го истражи случајот и да утврди точно колку печати недостигаат и за кои избирачки места или општински изборни комисии се однесуваат. Потоа, да поведе соодветни постапки против лицата кои несоодветно го чувале изборниот материјал, особено имајќи предвид дека поради овој случај ДИК донесе одлука да набави нови печати за сите избирачки места во РМ и за избирачките места во ДКП, што е за поздравување.
Позитивно е тоа што ДИК донесе ново Упатство за важечко и неважечко ливче, со кое само заокружувањето ќе се смета за важечки начин на обележување, а останатите начини на обележување ќе се сметаат за неважечки.
Позитивно е и тоа што ДИК објави податоци за Избирачкиот список пред, во текот и по завршувањето на јавниот увид, што овозможи да се следат промените на бројот на избирачи по општини. Дополнително, ДИК објавуваше податоци на дневна основа и за бројот на пријавени гласачи за гласањето во странство.
Во Избирачкиот список не беа запишани 28.341 избирач со неконзистентни записи. Овие избирачи не го искористија периодот на јавен увид за да се пријават во подрачните канцеларии на ДИК. Ваквиот начин на активна регистрација на избирачите со неконзистентни записи се спроведе за првпат. Сепак, се уште постојат неконзистентни записи во Избирачкиот список коишто се резултат на долгогодишните системски проблеми во водењето и ажурирањето на истиот. Фактот што околу 170.000 избирачи за кои ДИК претпоставува дека престојуваат во странство се префлени на посебниот извод од Избирачкиот список со граѓани кои престојуваат во странство, ќе придонесе кон поголема транспрентност и контрола на спроведувањето на гласањето.
Што се однесува до кандидатите на изборите, 13 политички субјекти поднесоа кандидатски листи. ДИК ги одби кандидатските листи од две политички партии поради повеќе констатирани неправилности во листите кои не беа отстранети во законскиот рок. Одлуките беа потврдени и од страна на Управниот суд.
Како и на секои избори, така и на овие, имаме случаи на предвремено започнување на изборната кампања, што не упатува на заклучок дека по завршувањето на изборите сериозно треба да се разгледаат долгогодишните препораки на МОСТ за регулирање на ова прашање.
Проектот „Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2016“ е поддржан од: Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, УСАИД преку Националниот демократски институт, Швајцарската агенција за развој и соработка, Амбасадата на Кралството Холандија и Националниот фонд за демократија.