Претседателот Стево Пендаровски по денешната седница на Советот за безбедност на која присуствувал и министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање рече дека точно се знаат датумите и количини вакцини што ќе стигнат во земјава. Рече дека во текот на месецот се очекуваат стотици илјади вакцини, но датумите не ги кажа поради лошото досегашно искуство со најавите.
„Можам да кажам дека точно се знае и кој ден и колку количини и од кој производител ќе доаѓаат, меѓутоа свесно ќе застанам тука и нема да кажувам, зошто многупати досега се изгоревме од најави кои не се реализираа. Најголемиот дел од тие најави немаа врска со нашите политичари, со нашата Влада или со мене. Големите производители, не можејќи да стигнат секаде, ги изневерија договорите. Според официјален податок на СЗО, најбогатите држави во Европа до овој момент немаат ни пет отсто целосно имунизирано население, зборувам за две дози. Сиромашните држави се последните, на опашката се во овој процес, на сите континенти, не само во Европа. Во текот на април ќе стигнат вакцини од различни производители, различни типови, во стотици илјади ќе дојдат, зборувам за целиот месец, меѓутоа да се воздржиме од најава. Не би сакал да кажам добри вести пред да се случат “, рече претседателот Пендаровски.
Според него април ќе биде месец за почеток на процесот на колективна имунизација од различни производители и од различни. Тој нагласи дека не сака да ги открие датумите и поради тоа што граѓаните може да се олабават и да не ги почитуваат мерките кои веќе не се почитуваат доволно, согласно ставот на оние кои ја следат проблематиката со почитување на мерките.