Претседателот Стево Пендаровски, на свечена церемонија во Филхармонија, во пресрет на 11 Октомври, Денот на народното востание, ги одликува Анка Гиева и Виолета Томовска, и постхумно Пеце Атанасовски, Никола Бадев, Мирвет Беловска, Ајри Демировски, Васка Илиева, Вања Лазарова, Кирил Манчевски, Тале Огненовски, Кочо Петровски, Александар Сариевски и Јонче Христовски со Медал за заслуги за Република Северна Македонија.
Одликувањето се доделува за нивниот најголем придонес во негувањето, популаризацијата и во зачувувањето на македонската народна и изворна песна, како и за промоција и за афирмација на македонското музичко творештво и на културата во интернационални рамки.
Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека одликуваните уметници ги посветија своите животи на промовирање на народното творештво како суштински елемент на македонскиот идентитет. Преку нивниот неповторлив инструментален и вокален талент, рече претседателот Пендаровски, овие врвни народни уметници ја претставија нашата изворна музика пред македонската и светската јавност на маестрален начин.