Советот на Општина Гевгелија донесе одлука со која го утврди проектот „Реконструкција на локален пат – одвојот од Регионалниот пат Р-112 Гевгелија – Конско – Смрдлива Вода до село Хума од 0+000 до км 4+621“ со технички број 08/2005 изработен од „Мак Инженеринг“ од Гевгелија како приоритетенза учество на Општина Гевгелија во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2013 година.
Со него ќе се конкурира за побарување средства за довршување на патот кон планинското село Хума, односно привлекување на дел од средствата во вкупен износ од 20 милиони денари наменети за подобрување на квалитетот на животот во руралните средини, предвидени со мерката 321/2 „Инвестиции во локалната патна инфраструктура за поврзување села со регионален пат, или со населено место – град во должина до 7 километри“.
Одлуката е донесена во согласност со Јавниот повик за доставување барања за користење средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2013, со број 02/2013 огласен од Агенцијата за рурален развој.
Патот за Хума е децениски проблем за жителите и намерниците на планинските убавини на пејзажите на Кожув. Поројните дождови, свлечиштата, ерозијата на земјиштето ги прават сите земјишни тампонирања како привремено решение.
Во отчетот на градоначалникот на Општина Гевгелија за 2009-2012 година на страница 8 нотирано е дека е изграден патот кон селото Хума, со вложени средства од 13 милиони денари. Претходно, во текстуалниот дел градоначалникот од свое име истакнал:
„Ветив изградба, заедно со Владата, на патните правци Понов мост – Богородица и локален пат Гевгелија – с.Хума, тоа се направи, а се изгради и 4,5 км пат од Негорци до Серменин“.
Теренските слики покажуваат друга состојба: свлечишта на патот, поројни пресеци. Тоа што е отчетот фалбаџиска книшка е разбирливо за политичките претенденти на локалната власт, но зошто на граѓаните им се сервира една слика на успешност, а на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделскиот и руралниот развој ѝ се сервира друга слика на гевгелиските планински места. Ако е вистината една, треба да важи за сите подеднакво: и за граѓаните, и за гласачите, и за органите на локалната власт, и за финансиските тела на државната власт.
Од друга страна, во Извештајот за работата на градоначалникот за 2012 година стои (на страна 16) дека е изграден дел од патот кон Хума во должина од 500 метри со вредност на градежните зафати од 6.257.358,94 денари.
Дополнително прашање е: зошто се вели „изграден“ за нешто што уште „моли“ за финансиски средства за доградба?
Лековитите својства на Хума, позната како воздушна бања поради својот континуиран провев, заслужуваат пристапен пат за сите уживатели на природата и на еколошки чистата природна средина. Токму поради тој факт, предлог-проектотза изградба на патот до Хума доби приоритет и поддршка од гевгелиските советници, но до кога ќе го градиме и пак ќе остане недоизграден, за некое друго време, за некои други донации, за некои други избори!?
А.Д.