Партиите „во низок старт“ за преговори за формирање нова влада

Од:

Првиот работен ден по официјалното објавување на конечните резултати од предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули, партиите започнаа со најавите за преговори за формирање ново владино мнозинство.

СДСМ, преку партиско соопштение, најави дека ќе формира Влада која „ќе работи уште повеќе и уште подобро и ќе го испорача резултатот кој го очекуваат граѓаните“, на што ВМРО-ДПМНЕ одговори дека досегашната Влада предводена од социјалдемократите не сработила „апсолутно ништо“ и не успеала „да реализира ниту едно ветување кое го имаше во предизборна кампања“, па затоа граѓаните не заслужувале уште една таква Влада.

Социјалдемократскиот сојуз смета дека дека поддршката што ја добиле од граѓаните на предвремените парламентарни избори претставува „ветер во грбот и јасен сигнал за продолжување на патот“ што го трасирале за „парите да завршуваат кај граѓаните, да има правда и да бидеме дел од европското семејство“.

– Со победа на СДСМ и коалицијата, граѓаните недвосмислено потврдија дека сакаат државата да продолжи напред. Нема повеќе враќање назад, нема повеќе режим, неизвесност и несигурност. Граѓаните сакаат да живеат во економски напредна држава со европски вредности дома, држава во која законите се еднакви за сите и држава горда членка на НАТО и рамо до рамо еднаква со најмоќните земји во светот. Следува формирање Влада предводена од СДСМ која ќе испорача резултати согласно волјата на граѓаните, велат од СДСМ.

Изминативе денови извори од партијата информираа дека водат неформални преговори за да се избере „најпогодниот коалициски партнер“.

Од ВМРО-ДПМНЕ засега нема информации дали и со кого преговараат за формирање парламентарно мнозинство, но велат дека прават напори за составување влада на принципиелни основи и европски вредности.

– За ВМРО-ДПМНЕ е важно да се почитува правото и правната држава и да се направи коалиција темелна на определбите за интеграција на државата во Унијата, но и коалиција која ќе ги почитува законите и владеењето на правото, информира партијата.

ДУИ веќе најави дека нема да коалицира со партии што не ги поддржуваат Рамковниот и договорите со Бугарија и со Грција, а партиската потпретседателка Теута Арифи минатата недела гостувајќи во отвореното студио на ТВ 24 изјави дека ВМРО-ДПМНЕ не го гледа како партнер во новата влада.

– Ние на нашиот конгрес имаме јасно ставени линии и тие се однесуваа на Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија. Сметам дека ако се зборува за континуитет, се подразбира што е континуитет. Велам, додека нема официјален процес на разговори, комбинации може да слушате секакви, но јас мислам дека за ДУИ е важен тој процес на одржување на овие договори и апсолутно се поврзува со тие што ги креираа овие договори и кои апсолутно ги поддржуваа и работеа на тие договори, рече Арифи.

Алијансата на Албанците е на ставот дека е отворена за разговор со сите партии за коалицирање, но потенцира дека со ДУИ потешко се гледа во ист владин состав, иако и таква коалиција не е исклучена како опција. Партијата смета дека што поскоро треба да се формира политичка и кредибилна Влада, чиј еден од главните приоритети ќе бидат преговорите за членство со ЕУ.

Левица засега најавува опозициско дејствување, иако нејзиниот лидер Димитар Апасиев не ја исклучува можноста партијата да поддржи евентуална влада што би ја формирале ВМРО-ДПМНЕ и сите останати партии на Албанците без ДУИ.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада