Парламентарците согласни да работат на реформи и придвижување на евроинтегративниот процес

Од:

Претставниците на парламентарните партии во македонското Собрание изминатите два дена во Охрид го одржаа Првиот работен состанок во рамки на процесот Дијалог Жан Моне: Клучен принцип на консензус за обединет пристап кон Евро-атлантските интеграции за граѓаните на РМ и институционално јакнење на Собранието како демократски столб на сите реформи.

Иако, состанокот инциран од европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан првично беше предвидено да се одржи во седиштето на „Жан Моне“ во Париз, проценето беше дека позитивниот импулс во земјата остава можност дијалогот да се одржи тука.

Разговорите почнаа во четвртокот со работна вечера одржана зад затворени врати, како вовед во работниот дел од состанокот на координаторите на парламентарните партии, насочени кон подобрување на парламентарниот дијалог и спроведување на европската агенда на земјата.

На вечерата на учесниците во разговорите преку видео-врска им се обрати еврокомесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан, кој меѓу другото ја посочи централната улога на Собранието во реформската агенда за интеграција во ЕУ.

Европратеникот Иво Вајгл пред почетокот на вечерата рече дека се работи за средба со цел во отворена атмосфера да се разговара за сите проблеми за кои можеби не е постигнат консензус.

– Сметам дека во работна атмосфера со помош на експерти ангажирани за оваа конференција, може да се дојде со согласност по некои прашања за кои нема да решаваме ние, нема да се решава ниту тука ниту во центарот „Жан Моне“ во Париз, туку во Собранието на РМ. Се разбира ќе стане збор за иднината на Македонија, токму затоа сме тука, се ангажиравме во Пржинскиот договор, и оттаму со големо задоволство можеме да кажеме дека земјата има направено значаен чекор напред со добивањето гаранција за безусловно отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Се разбира за тоа ќе решава Европскиот совет и можам само да кажам дека сум оптимист во тоа, изјави Вајгл.

Работниот дел од разговорите предвидуваше неколку панел-дискусии, посветени на етичкиот кодекс, Деловникот за работа на Собранието, буџетска независност на институцијата, со учество на европратеници и експерти по односната проблематика.

Јавноста немаше увид во самиот тек на дискусиите, но претседателот на Собранието Талат Џафери во куса изјава за медиумите нагласи дека разговорите се одвиваат во контруктивна и работна атмосфера, со консензуален став на учесниците за потребата од регулирање односно дорегулирање на односите во законодавниот дом.

– Темите на дискусија се најавените-потребата од измени и дополнувања на Деловникот и носењето на Етички кодекс, со додадени прашања на она што во други форми веќе е разговарано, а тоа е поголема самостојност и независнот на Собранието. Имавме плодна дебата за Кодексот и мислам дека таа е завршена по однос текстот изготвен со поддршка на ЕУ и очекувам да резултира со консензуално негово донесување како водилка во однос на однесувањето на пратениците во и надвор од Собранието, рече Џафери.

Тој ја посочи подготвеноста кај сите учесници во разговорите за потребата од усвојување таков документ, изразувајќи уверување дека присуството на сите парламентарни партии ќе придонесат во изнаоѓањето на консензуални решенија во насока на поставување на работите онака како што и се очекува од Парламентот.

За самиот Кодекс на однесување во работата на законодавниот дом, Џафери рече дека е новина бидејќи досега Собранието немало таков документ.

– Тој во целина, сиот како таков, е новина, во секој случај предвидува морално-етички, а не кривично-правни аспекти, оттаму што по дефиниција пратениците за работата во Собранието не одговараат за она што ќе го кажат, рече Џафери.

Претседателот на Собранието уште изнесе оценка дека моментално климата во институцијата обезбедува консензуално работење и усогласеност меѓу политичките партии што треба да се одржи, како што рече, не само заради важните прашања што евентуално би можело да бидат ставени на дневен ред, туку воопшто поради статусот и надлежностите што Собранието ги има.

Парламентарните партии на средбата во Охрид постигнаа согласност за промоција и придвижување на интегративниот процес кон ЕУ, истовремено согласувајќи се за спроведување институционални реформи, меѓу кои и оние што се однесуваат на Собранието како институција од која граѓаните очекуваат да испорача резултати на евроинтегративниот пат.

Во заклучоците усвоени од разговорите се наведува нивната подготвеност кон негување на духот на дијалог и компромис, како и зајакнување на легислативните и надзорните капацитети на Собранието, како аспекти од клучна важност за членството на земјата во ЕУ.

– Реално сме убедени дека нашиот дијалог нуди вистинска можност да се стави Собранието не само во центарот на градење консензус во врска со законодавството за поддршка на реформската агенда на ЕУ, но и да ја предводи истата, употребувајќи ја сета своја демократска легитимност, проверка и легислативна надлежност. Со цел да се задржи реформскиот моментум, се согласивме да воспоставиме механизам за имплементација кој би обезбедил постигнатиот политички консензус да се проследи во соодветните тела на Собранието, се наведува во заклучоците од состанокот.

Делегациите на парламентарните партии во рамки на првиот состанок од „Жан Моне“ дијалогот постигнаа консензус по четири клучни области од работата на Собранието и тоа потребата од Изготвување етички кодекс за однесувањето на самите пратеници во и надвор од Собранието, реформи на Деловникот на Собранието, преку амандмани и предлози што би ги разгледувала работна група, соодветни мехамизми за имплементација на договореното во рамки на дијалогот, што исто така би го спровела работна група за реформи и работа на Собранието, како и натамошна соработка на административно ниво меѓу Собранието и Европскиот парламент, што би вклучувала и размена на најдобри практики и техничка експертиза.

Првиот состанок во рамки на „Жан Моне“ дијалогот беше заокружен со вечера на која присуствуваа и лидерите на парламентарните политички партии, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на ДПА Мендух Тачи, Зијадин Села од Алијансата на Албанците и од Беса Билал Касами. Пред нив е свое обраќање имаше и Сергеи Станишев, претседател на партијата Европски социјалисти.

Средбата во рамки на „Жан Моне“ процесот се смета како реализација на дел од реформите во земјата имајќи предвид дека прашањата за конституирање на Парламентот и за пратенички прашања се дел од Планот „3-6-9“, а активностите во рамки на разговорите да придонесат и за подобрување на политичкиот дијалог.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови