Повеќе од 15 илјади граѓани од земјава, но и високи гости, верници и странски државјани, пред се од поширокото соседство се очекуваат денеска на плоштадот „Македонија“ во Скопје да ја проследат историската посета на поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск на Република Северна Македонија.
Надлежните велат дека се е подготвено посетата на папата, што ја оценуваат како историски чин, а се реализира во овој исклучително важен период за нашата земја, кога исчекоруваме по патот на европските и евроатлантските интеграции, ја зацврствува внатрешната кохезија и носи пораки за помирување и солидарност. Посетата на папата, како што велат, води кон унапредување на регионалниот и светскиот мир и признание за улогата што земјава ја има во овие процеси.
Папата Франциск, според најавата, изутринава треба да пристигне на Аеродромот Скопје каде што ќе биде пречекан од претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев. Од таму ќе се упати во претседателската Вила Водно, каде ќе се одржи официјална церемонија, а тој ќе има обраќање пред државните власти, граѓанското општество и дипломатскиот кор. Папата потоа ќе има средба и со верските лидери во Спoмен куќата на Мајка Тереза.
На плоштадот „Македонија“ поглаварот на Римокатоличката црква ќе отслужи Света литургија.
По литургијата папата ќе одржи Екуменска и меѓурелигиска средба со младите во Католичката црква, а потоа и со свештениците и нивните семејства.
Поради посетата на папата во Скопје денеска ќе има посебен безбедносен и сообраќаен режим. Граѓаните ќе имаат непречено движење во градот, но сепак позабавено и согласно воведениот сообраќаен и безбедносен режим. Тие кои живеат или работат во централното градско подрачје ќе имаат непречен пристап до своите домови и работни места. На тие кои работат во центарот на градот им се препорачува да излезат половина час порано од вообичаеното за да стигнат навреме на работните места. Најдобро е денеска граѓаните да го користат јавниот превоз за да се движат низ градот, а оние кои патуваат во Скопје од други градови да користат железнички сообраќај. И двата превоза се бесплатни. Денешниот ден, согласно одлуката на Владата, е неработен за државната и јавната администрација на територијата на Град Скопје.
Безбедноста е на највиско ниво, а Министерството за внатрешни работи ги има ангажирано сите капацитети со цел посетата на папата да помине непречено. Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ нема да биде затворен, но ќе биде забрането пакрирање на возила, поради што властите апелираат граѓаните да за своите медицински потреби да ги користат Градската општа болница „8 Септември“ и Клиниката по хирушки болести „Свети Наум Охридски“.
Од Министерството за здравство напоменуваат дека имаат посебен план, според кој, установите соодветно ќе одговорат на неопходните потреби на граѓаните и на туристите, кои поради посетата на папата утре ќе бидат во Скопје.
Во Клиничкиот центар од вчера од 18 до денеска до 18 часот нема да биде дозволено паркирање и влез на автомобили во кругот на комплексот. Ќе се пропуштаат само возила на Итната медицинска помош. Граѓаните кои во тој временски интервал ќе имаат потреба од медицинска услуга, а со цел побрзо да ја добијат ќе се упатуваат кон Градската општа болница „8 Септември“ и Универзитетската клиника „Свети Наум Охридски“ . Нагласи дека овие две големи јавно-здравствени установи ќе работат со полн капацитет и целосна мобилност со цел да одговорат на потребите на граѓаните.
Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во рамки на Универзитетските клиники ќе биде достапна за пациентите, како и Клиниката за детски болести, а ќе може да се пристапува од задниот влез на Клиничкиот центар кај хотелот „Тасино чешмиче“. Од 8 мај натаму се презакажани и прегледите на граѓаните преку системот „МојТермин“.
Од МВР велат дека безбедноста ќе биде на највисоко ниво, ангажирани се сите капацитети на МВР и преземени се сите безбедносни мерки согласно стандардите при посета на папата на една држава. Граѓаните кои живеат или работа во центар, како што наведуваат од МВР, Светата литургија ќе можат да ја следат само од плоштадот со билет и нема да смеат да излегуваат на прозорците или балконите.
Во врска со најавениот посебен сообраќаен режим во појасот Голем ринг во централното градското подрачје, утре од 6 часот наутро до 19 часот ќе има забрана и ограничување на сообраќајот и истиот ќе биде пренасочен кон сообраќајниците околу центарот на Скопје.
Сообраќајот за автомобили целосно ќе биде затворен на следните сообраќајници – „11 Октомври“од крстосницата со булеварот „Кочо Рацин“ до крстосницата со улицата „Димитрие Чуповски“, улица „Даме Груев“, улица „Македонија“, „Васил Главинов“, „Филип Втори Македонски“, „Свети Климент Охридски“, „Иљо Војвода“. Сообраќајот ќе биде затворен и на булеварот „Мајка Тереза“ (поранешна Водњанска) од 8:15 до 10:15 и во попладневните часови.
Граѓаните кои ја користат оваа сообраќајница тоа ќе треба да го сторат до осум часот, сообраќајот нема да има прекин, но по осум часот ќе биде пренасочуван по споредните улици.
Непречено одвивање на сообраќајот за време на посетата на папата ќе има на булевар „Кочо Рацин“, улица „11 Октомври“од крстосницата со булевар „Кочо Рацин“ до крстосницата со улица „Борис Трајковски, „Свети Кирил и Методиј“, булевар „Свети Климент Охридски“, булевар „Партизански одреди“, улица „Самоилова“ и булевар „Гоце Делчев“.
Граѓаните кои живеат во централното градско подрачје доколку сакаат да ги користат своите возила утре мора да ги извадат надвор од рестриктивната зона во текот на денешниот ден, во спротивно нема да можат да ги користат за време на посебниот сообраќаен режим. Сите паркинзи на општина Центар и на Град Скопје денеска ќе бидат бесплатни.
Посебни сообраќајни правила има и за движење од меѓународниот аеродром „Скопје“ до централното градско подрачје од 7:30 до 9 и од 17:00 до 18:30 часот сообраќајот по булеварот „Александар Македонски“ од излезот на Скопје од Автокоманда кон аеродромот ќе биде затворен во двете ленти и ќе биде пренасочен преку споредни сообраќајници.
На трасата Велес– Скопје во овој временски интервал сообраќајот за влез и излез во градот ќе се одвива преку трасата Миладиновци-Идризово-Маџари. На трасата Куманово Скопје на клучката Миладиновци сообраќајот ќе се пренасочува од обиколницата во Скопје на која прв дозволен влез ќе биде клучката кај Радишани. На трасата Куманово-Велес има кус застој на сообраќајот. Сите граѓани кои денеска имаат лет треба да се упатат кон аеродромот еден час порано од предвиденото, бидејќи движење по споредните сообраќајници може да трае подолго од планираното. Сите кои денеска патуваат кон Скопје треба да го користат железничкиот сообраќај, што е бесплатен.
Во однос на товарниот сообраќај сите камиони до 18:30 часот треба да ја користат обиколницата околу Скопје, а во градот ќе бидат пропуштани само камионите, кои се упатуваат во шпедиција.
Посебни правила има и за движењето на пешаците во градско подрачје движењето. Зоната на плоштадот „Македонија“ ќе биде строго обезбедувана, сите граѓани кои ќе пристапат во неа од 6 до 19 часот ќе мора да се идентификуваат со важечки документи за идентификација. Во малиот ринг ќе се пристапува преку осум влезови на кои МВР ќе врши безбедносни проверки на сите граѓани и проверка на лични карти и пасоши. Влезови ќе има кај Управен суд на „Орце Николов“, хотел Мериот улица „Максим Горки“, кај Тренд кафе на улица „Димитрије Чуповски“, кај Министерството за финансии на улица „Даме Груев“, кај завод за статистика на улица „Даме Груев“, кај Пелагонија на улица „Димитрие Чуповски“, кај порта Македонија на улица „11 Октомври“, влезот на предната страна од ГТЦ кон плоштадот.
Сите кои ќе се упатат кон плоштадот за учество на Светата литургија треба да пристапат кон својата зона на влез, која им е одредена на билетот, кој треба да се чуваат до крајот на литургијата.
Пешачките мостови на Вардар, Камениот мост, мостот Око и мостот на уметноста ќе бидат целосно затворени за движење како и Кејот „13 ноември“ од двете страни на реката.