Притисокот врз болниците се намалува, откако според вчерашниот билтен се регистрирани 105 нови случаи на заболени од Ковид-19, а и во последните неколку дена има забележително помалку новозаболени на дневно ниво. И натаму останува загрижувачки висока бројката на починати од.
По воведените рестриктивни мерки, бројот на нови случаи на Ковид-19 се намалува. Во изминатите четири дена бројот на активни случаи е намален од 15.013 на 14.276 случаи.
Во истиот период, регистрирани се вкупно 1.117 новозаболени, а 1.843 оздравени. Вчера се регистрирани 105 новозаболени и 403 оздравени пациенти, откако на 1 мај имаше 214 новозаболени и 205 оздравени, на 30 април 365 новозаболени и 594 оздравени и на 29 април 433 новозаболени и 641 оздравени.
Ограничувањето на движењето продолжува од вчера од 21 часот до 05 часот следниот ден, откако православните верници го празнуваа Велигден втора година во услови на пандемија, но без полициски час и со почувањето на мерките за заштита-носење маска и држење дистанца.
Согласно одлуката на Владата од 27 април, полицискиот час ќе биде на сила до 15 мај, со исклучок за Рамазан Бајрам, односно нема да важи на 12 кон 13 мај.
На инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 1 102 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Од нив, на инфективните одделенија во земјава се лекуваат 637 пациенти, додека во ковид центрите во Скопје 465 лица.
Од Министерството, нагласуваат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород, како и дека имаат увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 152.685, на оздравени пациенти е 133.473, на починати е 4.936, а бројот на активни случаи изнесува 14.276.