Пациенти што прележале Ковид-19 еднакво ги полнат амбулантите како и оние што сега се заразиле со вирусот. Матичните лекари велат дека иако најголем дел од нив го прележале вирусот асимптоматски, не може да дојдат на себе од постковид-симптоми. Марија Михајлова, матична лекарка од Скопје, вели дека коронавирусот може да предизвика симптоми што траат и неколку месеци по исчезнувањето на инфекцијата.
„Пациентите најчесто се жалат на тахикардии, исипи и алергии, а меѓу постковид-симптомите се и екстремен замор, вртоглавици, отежнато дишење, срцеви палпитации, депресија и анксиозност, нарушен сензибилитет за мирис или вкус и нарушен сон. Многу ретко се случува пациентот да се пожали на само еден изолиран симптом, секогаш има повеќе. Ги прегледуваме и во зависност од тоа на што се жалат ги препраќаме на кардиолог, на дерматолог, на интернист, а дури имаше случаи што ги препраќавме и на невролог оти се жалеа на парестезии, трпки на делови од телото. За секој упат одделно бараме термини, а истовремено сè уште е голем притисокот и од позитивни пациенти“, вели лекарската Михајлова.
Постковид-симптомите, според досегашните искуства кај нас, се појавуваат и кај лица што прележале омикрон и кај оние што биле заразени со делта-сојот или со британскиот сој.
Михајлова нагласува вели дека сè уште не е познато зошто некои луѓе имаат постковид-симптоми долго време по инфекцијата, а други немаат. Непознато е и колку долго може да траат тие симптоми, но вели дека се клучни поддршката и можноста за избор на опции за нега и третман. Затоа, Михајлова смета дека е време државата да размисли за отворање постковид-амбуланти со тимови од специјалисти, кои на едно место би им ги дале потребните услуги на пациентите место да минуваат низ сегашните административни лавиринти.