Овозможена работа на фабриките и транспортот и за време на построгиот полицискиот час, работниците со посебни дозволи

Од:

Економските оператори што работат во прва смена треба да го организираат работниот процес согласно забраната и посебниот режим на движење, а производствените капацитети кои работат и во втора, трета и четврта смена да го организираат својот начин на работа како и досега, со издадени дозволи за движење од страна на работодавачот согласно пропишаниот образец, стои во заклучокот на Владата од вчерашната седница на која беа донесени дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на вирусот Ковид-19.

Како што сооопшти денеска владината прес-служба, производствените погони, фабрики и транспорт ќе продолжат да функционираат и во време на полицискиот час што почнува од утре во 16 часот и ќе трае до 5:00 часот следното утро секој работен ден, како и за време на викенд (од петок од 16:00 часот до понеделник до 5:00 часот).

За таа намена самите работодавачи ќе издаваат посебни дозволи за движење на работниците во време на полициски час исклучиво до и од работното место. Од Владата информираат дека станува збор за истите дозволи што се издаваат на образецот усвоен од страна на Кризниот штаб, а ги издаваат самите одговорни лица во компанијата. Во дозволата се наведуваат основните податоци за работникот, адресата на живеење, но и работното место и називот на компанијата во којашто работи лицето. Притоа, се наведува и смената во којашто е ангажиран работникот. Дозволата ќе биде потврда за движењето на работникот во услови на воведен полициски час и таа при контрола ќе треба да се приложи на увид до органите на државата. Дозволата за движење важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена.

Дозволите што се издадени од работодавачот, потенцира Владата, не треба да бидат заверени и потврдени од страна на Министерството за внатрешни работи или надлежното ОВР.

– Заштитата на здравјето на работниците е основен услов за заштита на целата економија, а Владата и стопанството имаат иста цел – во овие вонредни услови работењето на компаниите да продолжи, но истовремено да се сочува и јавното здравје. Затоа апелираме до компаниите коишто работат во смени и за време на полицискиот час да покажат одговорност, да се придржуваат и да ги почитуваат мерките за заштитата на работниците во услови на епидемија од Ковид-19, истакнуваат од Владата.

Како што се нагласува во соопштениеето, инспекциските служби се на терен и ќе го следат почитувањето на препораките:

– Во погоните каде непосредно се врши производниот процес да се лимитира бројот на вработени до таа мерка работниците да бидат на растојание од 1,5 до 2 метра,

– Во самиот погон задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција нa раце и работни површини.

– За време на работното време од страна на вработените да се почитуваат општите препорачани мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена.

– Да се врши почесто проветрување на работните простории односно повеќе пати во текот на денот и доколку е тоа можно (преку природна и вештачка вентилација).

– Еднаш неделно да се врши дезинфекција на сите работни простории, особено во погоните, од овластена служба за тоа.

– Во случај на непосреден контакт со позитивен лабораториски потврден случај на КОВИД-19 (со или без симптоми), лицето веднаш се изолира и се пријавува до надлежен Центар за јавно здравје.

– Да се избегнува контакт на вработените лица од погоните меѓу себе во текот на работниот процес, а особено со административните службеници.

– Во случај на потреба од административна работа, потпишувањето на хартиени документи да се спроведува исклучиво преку едно одредено лице кое носи лична заштитна опрема на себе (заштитна маска и ракавици).

– Лицата задолжени за обезбедување на објектот да носат исто така лична заштитна опрема.

– Возачите кои дистрибуираат готови производи, репроматеријали, хартиени документи, исто така да носат лична заштитна опрема.

– Да не се одржуваат состаноци/колегиуми и истите да се спроведуваат по телефон или на мејл.

Според заклучоците од владината седница, вработените во државните органи, агенции, фондови, бироа, заводи, претпријатија во Скопје, кои не живеат во главниот град и секојдневно патуваат на работа, од утре треба да бидат упатени да работат од дома. Министерствата и останатите органи на државната управа, пак, треба да го прилагодат работното време согласно со забраната за движење, односно административните и јавните службеници треба да завршат со работните задачи и обврски навреме со цел да можат да стасаат дома пред 16 часот кога почнува полицискиот час.

Министерството за здравство, треба да подготви план за работа и организација на сите јавни и приватни здравствени установи, како и аптеките во општините на територијата на државата.

Владата ги задолжи општинските кризни штабови да определат економски оператор/и – маркет/и од каде ќе се обезбедуваат само најнеопходните намирници, согласно приоритетните барања на граѓаните за време на забраната за движење на територијата на државата, а економските оператори кои се регистрирани да вршат достава на храна преку онлајн порачки, непречено да ја извршуваат својата работа за време во деновите сабота и недела. За оваа цел, се задолжуваат Општинските кризни штабови, во соработка со МВР да го организира движењето на лицата волонтери што ќе ги доставуваат најнеопходните намирници до домовите на граѓаните.

Би можело да ве интересира

Нови 125 заразени со Ковид-19 и двајца починати

А1он

Филипче до медиумите: Престанете да изнесувате непроверени информации за бројот на заболени

А1он

Во Прилеп почина 73-годишен пациент од Ковид-19

А1он

Од новите 180 инфицирани, 80 не дале информација дека имале контакт со заразено лице

Кристијан Ландов

Пет нови случаи на полицајци заразени со коронавирус

Докторите Јосифова и Бајрами: Вирусот постои, не игнорирајте го и заштитете се

А1он