Движењето Фронт за демократска Македонија (ФРОДЕМ) упати отворено писмо до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кое го објавуваме интегрално:
Почитуван Ахмети,
Во овие значајни денови за разрешување на тешката политичка криза во која се наоѓа Македонија сакаме да ве потсетеме на големата одговорност која ја имате како лидер на најголема албанска политичка партија во Македонија. Со оглед на краткото време во актуелниот политички контекст, бараме од Вас јасно и недвосмислено да се произнесете дали сте за демократија, владеење на правото и евроатлански интеграции или пак ќе продложите и понатаму со дневно политичко маневрирање во функција на одржување на позициите на врхушката на ДПМНЕ.
Господине Ахмети, од денес па натаму седењето на две столици станува невозможна мисија. Затоа, Ве повикуваме активно и недвосмислено да учествувате во враќањето на демократијата и владеењето на правото. Без намера да навлегуваме во Вашите партиски активности и политики, сепак сакаме да ви укажеме дека е потребно целосно почитување на договорот од „Пржино“, меѓутоа и активно и принципиелно реагирање на секоја нова ситуација во која се појавува селективност на правда, криминалот и загрозување на слободите и правата на граѓаните и меѓуетничките односи. Затварањето очи пред овие аномалии и реагирање само кога се засегнати личните и партиските интереси, не се карактеристики и одлика на современи и чесни политички лидери и партии.
ФРОДЕМ цени дека е дојден моментот кога треба јасно јавно да се констатира дека толерирањето на недостаток на демократија поради одржување на стабилноста и мирот во државата е лажно и беспредметно. Загрозената демократија сега е клучен фактор за дестабилизација на Македонија. На сите им е јасно дека тие што треба да ја чуваат безбедноста и да ги штитат човековите права, преку сторените злоупотреби се најголеми загрозувачи на стабилноста. Вие, како дел од власта, досега не покренавте ниту една постапка за преиспитување на ова загрозување на стабилноста, ниту за монтруозното прислушување, ниту за монтираните политички процеси. Упорно молчевте
Само пред еден месец, во врска со постаментот на крстот во општина „Бутел“ покажавте политичко хазардерство со навлегување во сценарија на меѓуетничка и верска нетрпеливост. Ве потсетувам дека дел од раковоството на ДУИ, фатено и испреплетено за раце, тргна кон рушење на постаментите на крстот со што по којзнае кој пат се ставивте во улога на одработувачи на агендата на Вашиот коалиционен партнер?
Македонија не може и не смее да биде заложник на ничии лоши и нереализирани политики. Најмалку треба да биде зложник на лошите политики на ДУИ спрема сопственото гласачко тело, за да периодично, кога ќе оцени дека има моментален политички профит, да продуцира политичка и друг тип на криза.! Ова е наше најдобронамерно укажување, затоа што доколку и понатаму ја играате оваа игра ќе го изгубите и тоа што ви преостана од моралниот и политички кредибилитет. Во оваа ситуација сакаме да ви укажеме дека Фродем ги осудува сите обиди и облици на загрозување на приватноста на било која личност!
ФРОДЕМ како здружение на граѓани за демократизација, се залага за активна политика на соживот, интеграција и помирување. Не сакаме отворање на старите рани од минатото, на потсетување на активностите и улогите на поединци во претходниот социјалистички систем и разните соседски влијанија, ниту да се сеќаваме на периодичните влошувања на меѓуетничките односи со инцидентите меѓу најмладите граѓани на нашата земја. Сите настојуваме да сме свртени кон иднината! Добрите и коректните меѓуетнички односи се гарантори и за регионалната стабилност.
Господине Ахмети
Очекуваме да реагирате искрено, одговорно, демократски и интегративно! Сите други постапувања кои ги прегазило времето и историјата не само Вам туку и на сите нас да ни наштетат и да не доведат до амбисот од кој нема враѓќање назад.
ФРОДЕМ – Фронт за демократска Македонија
Претседател,
Љупчо Алексовски