Со отворени денови на кои се презентираат активностите и успесите на наставно – научен план започна прославата на патрониот празник на средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, Крива Паланка.
-Одбележуваме 57 години од постоење на училиштето, а годинашниот патрон празник ќе се прослави со активности насловени „57 години учиме, твориме, креираме“. Годинава за првпат организираме повеќедневни отворени денови на гимназијата на кои се опфатени поетско читање, спектакл од перорманси, отворен ден на библиотеката, штандови на биолозите, електротехничката и машинска струка и бројни активности за презентација на тековните успеси и ангажмани на професорите и учениците, изјави Миле Милковски, директор на СОУ „Ѓ.Петров“, Крива Паланка.
Според него на овој начин се отвора училиштето за граѓаните.
-Сакаме да го доближиме училиштето до родителите, до идните средношколци воспоставувајќи добра релација со основните училишта од општината, но и од Ранковце и соседните градови. На овој начин непосредно ќе ги добиеме сугестиите и предлозите од граѓаните и останатите институции во насока на подигнување на нивото на наставата во нашето училиште. Отворените денови се и своевидна промоција на училиштетот пред идните средношколци, запознавање и на учениците и на нивните родители со сите услови за квалитетна настава и високо ниво на воспитно-образовниот процес во нашата гимназија, додаде Милковски.
На првиот ден, кој отпочна со поетски активности, беа доделени награди за најредовните читатели во училишната библиотека од сите четири наставни години. Утре во холот на училиштето ќе бидат поставени штандови за презентација на стручните паралелки, а четврток е ден за музика.
-Во овие три дена вратите на училиштето се отворени за сите. Сакаме да создадеме еден поинаков тренд на отвореност на гимназијата и јасно презентирање на сликата која ја креираме, дека овде се работи за содавање квалитетни идни генерации потковани со добри знаења, кои се пред се, добри луѓе, рече Милковски.
На Денот на патронот Ѓорче Петров, 28 април, нема да се одвива настава. Празникот на гимназијата ќе започне со положување цвеќе на бистата во училишнито двор, а ќе продолжи со спортски активности.