Откупот на тутунот продолжи утрово. Утре се очекува да бидат отворени сите пунктови. Но, производителите веќе се жалат на одредени нерегуларности при проценката поради што е неизвесно, како што велат, дали ќе се чека на средбата со министерот до петок, како што беше договорено, или порано ќе интервенираат.
-Пунтковите денеска се отворени, а утре ќе отворат сите. Засега, кај нас, некои од откупувачите повторно прават проблем. Ги враќаат луѓето, им го проценува тутунот како за пониска класа. Поради тоа, не сме сигурни дали ќе чекаме на средбата до петок. Ќе видиме како ќе тече откупот денеска и утре и според тоа ќе одлучиме дали можеби и порано ќе интервенираме, изјави за МИА претседателот на Сојузот на тутунските здруженија, Менде Стомнаровски.
Тутунарите кои минатата недела мирно протестираа, незадоволни од проценката и откупната цена, во петокот имаа средба со откупувачите на која присуствуваше и министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа. Беше договорено протестите да бидат ставени во времено мирување, а откупот на тутунот да продолжи денеска. Ситуацијата, како што беше речено, треба да се следи наредниве пет дена, а во петок да се одржи уште една средба во ист состав.
Тутунарите остануваат на барањето за реална проценка на родот и минимална откупна цена од 200 денари за килограм. Признаваат дека квалиететот е нешто послаб од претходните години, но не е, велат, и толку лош. Ако ситуацијата не се смени, најавија блокади.
Според министерот Хоџа, барањата на тутунарите се реални.
-Донесовме заеднички заклучок, од понеделник да продолжи откупот, поверениците да се вратат на вагите, вреднувањето на тутунот да биде како што треба, по Правилникот, а протетстите првремено нема да се одвиваат. Следниот петок ќе има дополнителен состанок во ист состав за да се види дали има подобрување во откупот. Врз основа на тие заклучоци, ќе одлучиме како ќе се одвиваат работите понатаму. Тутнарите бараат да се цени нивниот труд, односно тутунот според Правилникот објавен од МЗШВ. Годинава многу малку е откупен родот поради протетсите и нзадоволството на производителите. Ако лани до сега беа откупени 40 отсто, сега се преземени само 1,6 проценти и тоа е загрижувачки. Сепак, има позитивни сигнали, особено што од состанокот претставниците на Одборот на тутунари излегоа задоволни, а и штом се прекинуваат привремено протестите можеме да кажеме дека имаме првичен договор, изјави Хоџа во петокот.
Засега просечната цена на тутунот е 165 денари, но тоа, според министерот, не треба да се земе предвид зашто сепак се откупени само 1,6 отсто од вкупно предвидените 370 тони.
-Ако тутунот се вреднува како што треба и со цената нема да има проблем. Законски можности за укинување на четвртата класа има, но да му дадеме шанса на дијалогот, подвлече Хоџа.