Царинските службеници од Одделението за оперативни работи, викендов при контрола на минибус со српски регистарски ознаки пријавен за влез на граничниот премин Деве Баир, пронајдоа и запленија 15.393 парчиња лекови со вкупна вредност од 436 илјади денари.
Лековите, за болки во желудникот, стомакот и респираторните органи, за потхранување на мозокот, антибиотици и хормонски лекови за лекување од неплодност со германско, италијанско и турско потекло, му припаѓале на еден од патниците на минибусот кој сообраќал на релација Истанбул-Приштина и превезувал пет патници. Тој за надомест од 100 евра требало да ги пренесе од Истанбул за непознато лице во Косово.
Против осомничениот е поднесена кривична пријава за „криумчарење“, а Основниот суд Крива Паланка по спроведена итна постапка го огласи за виновен и го казни со парична казна во износ од 1.500 евра и му изрече безбедносна мерка одземање на стоката и протерување на странец во траење од 3 години.
Неделава при контрола на меѓународен патнички воз што сообраќал на релација Скопје – Белград, царинските службеници од граничниот премин Железничка станица Табановце, во работната просторија на домаќинот на вагонот за спиење, пронашле и привремено заплениле 3.170 таблети (Aminofilin, Lexilium, Diprol, Sinkum, Ranisan, Sintrom, Acetazolamide) и 41 ампула.
Лековите биле сокриени во патна торба, сместена под клупата за седење, каде се складираат артикли за послужување на патниците.