Османи за „Етнос“: ДУИ ќе одлучи која партија ќе учествува во нашата коалиција

Од:

Оценувам дека ДУИ ќе го добие мандатот да формира влада, а ние ќе одлучиме која партија од Северна Македонија ќе учествува во нашата коалиција, вели Бујар Османи за грчкиот весник „Етнос“.

Во текстот под наслов „Османи: Динамично ќе продолжиме со спроведувањето на Договорот од Преспа“, грчкиот весник ги пренесува ставовите на вицепремиерот и член на ДУИ, како во однос на изборниот резултат и постизборните разговори меѓу партиите, така и за Договорот од Преспа и пристапните преговори со Европската Унија.

Во однос на предизборните односи на ДУИ со Зоран Заев, кои, како што пишува „Етнос“ беа обележани со чести конфронтации, а „поранешниот премиер неколку пати ја испрати најголемата албанска партија во опозиција“, за тоа дали ова ќе влијае врз формирањето влада Османи „истакна дека е нешто за што треба да се праша Заев“ и според весникот, додал дека по резултатите не смета дека лидерот на СДСМ останува на истата позиција.

-Во секој случај резултатот од изборите покажува дека ние, а не некој друг ќе одредиме кој ќе влезе во нашиот владин состав. Па така, оценувам дека ДУИ ќе го добие мандатот да формира влада, а ние ќе одлучиме која партија од Северна Македонија ќе учествува во нашата коалиција, вели Османи.

Резултатите од изборите ги карактеризира како „најдобар резултат за стабилноста и евро –атлантската перспектива на земјата, но и за добрососедството, кое обезбедува хармонични односи и рамнотежа во внатрешноста“ и вели дека по изборните резултати, нивната моќ е зголемена.

-Изборниот резултат, од една страна ја прави ДУИ клучен фактор во одредувањето на идните политички случувања во земјата, а од друга страна ја одразува конструктивната улога на партијата во изминатиот период како гарант за започнатото спроведување на сите договори како што е Договорот од Преспа со Грција, Договорот за добрососедство со Бугарија, но и Охридскиот рамковен договор. А ДУИ е синоним на овој процес за стабилност, евро -атлантска перспектива, добрососедство и обезбедување рамнотежа во внатрешноста, објаснува Османи.

За преговорите меѓу партиите за формирање влада, вели дека преку брз процес неопходно е што поскоро да се формираат институциите за справување со пандемијата, со социјално – економските последици, но споменува и дека земјата се наоѓа на чекор пред почеток на пристапните преговори.

Токму преговорите со ЕУ, Османи ги споменува и во приоритетите што би требало да ги има новата влада, бидејќи како што објаснува, следната влада ќе преговара со Брисел и „затоа е важно, од една страна да се формира многу функционална, ефективна и поддржувачка влада, што ќе ѝ служи на оваа цел, а од друга страна, влада што ќе има капацитет да ги спроведе сите потребни реформи во внатрешноста“.

Говорејќи за односите меѓу Скопје и Атина и Договорот од Преспа, Османи за „Етнос“ коментира дека поради изборите имало доцнења во спроведувањето, но истакнува дека со формирањето на новата влада ќе се продолжи динамично со обврските што произлегуваат од решението меѓу двете земји.

Вицепремиерот за европски прашања позитивно го оценува ставот на Грција за нашата ЕУ перспектива и додава дека е потребна дополнителна поддршка „во одредувањето на рамката за преговори следната пролет“.

„Етнос“, во текстот во кој ги пренесува ставовите на Бујар Османи, потсетува дека албанската партија ДУИ на Али Ахмети со 11,47 отсто е трета сила во земјата и коментира дека со 15 пратенички места во Собранието „е големиот победник во албанскиот блок и регулатор во постизборните соработки“ .

Во однос на сценаријата, весникот пишува дека СДСМ со 46 пратеници „може да формира влада само со ДУИ со која ќе има точно 61 пратеник, а за да обезбеди поголема стабилност во владината коалиција може да се вклучи и ДПА на Мендух Тачи“.

-Самиот Заев, иако на поддржувачите им ветуваше дека ќе ја прати во опозиција албанската партија ДУИ, која од 2002 речиси без прекин учествува во влада како помал партнер, коалицирајќи повремено со различни партии, ќе мора да ја промени неговата стратегија со оглед на тоа дека изборниот резултат не остава простор за такво сценарио. Од друга страна, ДУИ, откако од изборниот процес излезе зајакната, се очекува да игра на предизборната карта за одредување Албанец премиер за да влезе во владин состав, пишува весникот и додава дека ова сценарио нема да оди напред, туку повеќе ќе делува како алатка за притисок за да добие повеќе и подобри места во министерствата.

Би можело да ве интересира

Османи: Рамковниот договор е најуспешниот мировен договор на Западен Балкан

Владата се сомнева во искреноста на Османи кога дава предлози за решавање на проблемот со Бугарија

Митева: Филипче, Заев и Ковачевски свесно ја втурнаа Македонија во црно сценарио, да биде оставена сама на Балканот и неинтегрирана

Заврши едногодишното претседавање на Македонија со ПСЈИЕ – Тирана e иден претседавач

A1on

Османи: Членство во ЕУ на сите учесници во ПСЈИЕ е гаранцијата за стабилноста и наш приоритет

Горан Наумовски

Османи: Преспанскиот договор е повеќе од договор за името, тоа е договор за стратешка соработка