Османи-Винтон: Солидарноста е европска вредност која значи стабилност, сигурност и просперитет

Од:

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи заедно со постојаниот координатор на Обединетите Нации и претставник на УНДП во Република Македонија, Луиза Винтон, остварија увид на новиот мост и браната во Свети Николе кои се реконструирани со финансиски средства од ЕУ преку програмата за намалување на штети од поплавите, во реализација на УНДП.

„Во периодот на непогодни климатски прилики во 2015 година, дури 44 од 80-те општини во Македонија беа погодени со поплава, што создаде потреба од средства за итна санација на штетите, но ја покажа и фрагилноста и неподготвеноста на државата да се справи со предизвиците и последиците од климатските промени“, истакна Османи пред присутните претставници на медиумите.

Тој посочи дека за оваа намена, изминативе три години, преку ИПА средствата на Европската Унија, реализирани од страна на канцеларијата на УНДП, успешно се имплементирани проекти во висина од 10 милиони евра со кои значително се подобрени состојбите, како во отстранување на последиците, така и во смисла на превенција од евентуални идни климатски непогди.

„Со почитуваната г-ѓа Луиза Винтон направиме обиколка на реконструираниот мост и браната во Свети Николе, кои беа целосно оштетени во поплавите од 2015 година, а подоцна санирани со оваа програма. Овие успешни проекти, иако можеби претставуваат мал дел од серијата проекти кои се реализирани за оваа намена, претставуваат многу важна придобивка за локалните жители кои живеат овде или кои гравитираат околу општина Свети Николе, како од аспект на санација на настанатата штета од поплавите, така и од аспект на превенција и сигурност за нивната средина во иднина“, истакна Османи, посочувајќи и на останатите проекти кои се реализирани со овие средства како што се санираните мостови во општините Чешиново – Облешево, Зрновци и Делчево; санираното свлечиштето кај месноста Крупиште во општина Пробиштип; санираните улици и патишта во Новаци и Могила итн.; а ги посочи и интервенциите за чистење на бројните одводни канали, санираните брани и поправени системи за наводнување, како интервенција во земјоделската инфраструктура за која посочи дека беше констатирана како најзагрозена.

„Сакам да нагласам дека овие проекти, во износ од околу 10 милиони евра, не се реализирани со пари на нашите даночни обврзници, туку претставуваат грант – неповратни средства, или финансиски средства на даночните обврзници на земјите – членки на Европската Унија, кои одлучиле дека овие средства е подобро да се потрошат за санација на штети и превенција во Република Македонија, отколку да се потрошат во нивните земји.“ – истакна Османи. Тоа, посочи Османи, покрај директниот бенефит за граѓаните, на дело ја покажува и солидарноста, како европска вредност која значи поголема сигурност, стабилност и прогрес.

Денешната посета на новиот мост и браната во Св. Николе во заедничка реализација на Секретаријатот за европски прашања и УНДП претставува дел од посетите на успешно реализираните ИПА проекти во нашата земја.

Би можело да ве интересира

Вучевиќ: Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија

А1он

Елиминирањето на конкуренцијата во изборот за универзален снабдувач граѓаните ќе ги чини стотици милиони евра повеќе за сметки за струја

А1он

Универзалниот снабдувач избран без да се овозможи конкуренција, граѓаните ќе плаќаат милиони евра повеќе за струја

А1он

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов