Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на прес-конференција вети итни мерки за решавање на проблемот со дивоградбите, нагласувајќи дека граѓаните кои биле измамени нема да бидат жртви на урбаната мафија. Како што појасни Османи, работа на кризниот штаб, што ќе биде формиран за таа намена, ќе биде мапирање на дивоградбите и нивна темелна проверка за да се утврди дали ги исполнуваат стандардите за безбедно домување, стои во соопштението на кандидатот за градоначалник од Националната алијанса за интеграција (НАИ) за општина Чаир Бујар Османи.
„Најпрво е тестирање на структурната стабилност на тие згради, бидејќи нашите информации велат дека, брзајќи да се завршат процедурите, не се почитувале правилата на статиката, динамиката, механиката, приклучоците на електричната мрежа, пристапот до вода, и тие објекти се нестабилни. Оценките на некои архитекти се дека еден земјотрес со многу помала јачина може да ги урне. Не се преземени мерки ниту за противпожарна заштита“, рече Османи.
Тој истакна дека поради непочитувањето на принципите на градба, семејствата што живеат во овие згради поминуваат низ вистински хорор секојдневно.
„Имав можност да се сретнам со група семејства од една од зградите на Серава, која е вистинска карикатура или црна дамка на управувањето со Општината изминативе 20 години. Нивните приказни се потресни. Луѓето биле измамени со сосема поинаков приказ на зградата, висината на зградите им била претставена поинаку. Денес тие живеат таму без ниту еден документ, иако ги потрошиле целите животни заштеди. Нивните станови биле препродавани по десет пати. Тие се искачуваат до десетти кат без лифт, бидејќи не е изграден. Јавните простори и ходниците им се продадени на луѓето за комерцијални цели. И сето ова било овозможено во 2011 година, кога мојот противкандидат бил на функција за издавање дозволи“, рече Османи.
По проверките, како што појасни Османи, доколку зградите го поминат тестот на издржливост и стабилност ќе се работи на изнаоѓање начин на нивно легализирање, за граѓаните да ги добијат потребните документи и да можат мирно да спијат.
„Тоа е прво. Второ, начинот на кој се носеле овие одлуки и како се легализирале на нелегален начин е прашање за Јавното обвинителство, кое ќе го истражи тоа. Но, ние веднаш ќе направиме ревизија на сите прашања и на целата документација во секторот за урбанизам“, истакна Османи.