Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во просториите на Секретаријатот за европски прашања оствари средба со претставници на Европската народна партија (ЕПП) во рамките на Европскиот Парламент, предводени од европратеникот, Андреј Ковачев.
На средбата , Вицепремиерот Османи реферираше за статусот на имплементацијата на Планот 3-6-9, особено во делот на реформите на правосудниот систем, реформите на безбедносните служби, како и реформите на јавната администрација како приоритетни области предвидени со Извештајот на високата експертска група, но и во Извештаите на Комисијата.
„Се наоѓаме во исклучително важен, може да се рече, историски период, кога ни е неопходен национален и општествен консензус ,за да ги донесеме вистинските одлуки, да ги реализираме визиите и плановите за просперитетна евро-атлантска Македонија, пред се, затоа што граѓаните тоа го бараат од нас.” – истакна Османи. Во оваа насока Османи побара од претставниците на Европската народна партија да се вклучат со својот авторитет, не само во асистенција на Владата при имплементација на реформите, туку и директно кај политичките партии од сите страни на политичкиот спектар, во насока на изградба на потребниот консензус.
Османи посочи и на активностите кои се преземаат за навремена подготовка на Владата за старт на имплементација на предвидени шест носечки иницијативи кои произлегуваат од Стратегијата за проширување на Европската Комисија за земјите од Западен Балкан до 2025 година.
Пратениците на ЕПП од европскиот парламент се во посета на Македонија, со цел скенирање на состојбите во државата и имплементацијата на реформите. Средбата се одржува во многу важен период за европската интеграција на нашата земја, непосредно пред објавувањето на Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија на европскиот пат.