Во салата за состаноци во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка денеска се одржа четвртата седница на Советот на Севериоисточен плански регион, на чиј дневен ред беа неколку точки за аплицирање за одредени проекти од страна на општините од СИПР.
Беше усвоен проект за аплицирање кон грантовата шема на УНДП, како дел од проектот „Подобрување на општинско владеење“, а со најголема поддршка беше проектот „Осветлување со лед светилки на пешачки патеки за деца и жени” во општините Липково, Кратово и Ранковце.
На седницата присуствуваше и постојната претставничка на УНДП, Лујза Винтон, која ги претстави целите за одржлив развој до 2030 година.
– Покрај грантовата шема за поддршка на општините и регионите, во следниот период УНДП ќе отвори повик за интегрирани инклузивни грантови за општините за рурални и мали неразвиени подрачја до 23.000 евра, проекти кои ќе бидат директно поврзани со целите на програмата, истакна Винтон, посочувајќи дека програмата има за цел да допре буквално до сите.
УНДП во соработка со Швајцарската амбасада го реализира проектот „Јакнење на општинските совети” со кој сега се опфатени шест, а во следниот период ќе се опфатат уште девет општини со кои освен едукативна компонента за советниците ќе бидат финансирани и конкретни проекти во износ до 50.000 франци и дополнителни 12.000 франци за јакнење на транспарентноста на општините.
Се усвои одлука и за приоритетни проекти и доставување барања за користење средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 од Биро за рурален развој, а даден беше приоритет за аплицирање на проект на општина Крива Паланка на предлог и во соработка со Кумановско-Осоговска Епархија за „Санација на пат-поврзување со верски објект”, по мерката 323, за санација на свлечиштето на стариот пат до манастирот.
Одлука е донесена и усвоена за учество на СИПР на јавен повик за доставување барања за користење средства за реализација на програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој, со која се достапни околу 10 милиони денари за пристап до земјоделско земјиште.