Изградба на градинка во Брајковци, на повеќенаменско игралиште во Калково и на стационар за кучиња-бездомници, реконструкција на булеварот „Првомајска”, како и решавање на проблемот со Градските гробишта, односно изградба на нови, се само дел од новите проекти што ги најавува Општина Валандово.
– Се подготвуваме и за туристичко уредување на Кочулските водопади, изведба на втората фаза од канализацискиот систем во Бојмискиот реон, асфалтирање четири локални улици во Балинци, Пирава и Удово, асфалтирање девет сокаци во градот Валандово. Ќе почне и реконструкцијата на градинката „Калинка“ во Валандово, тампонирање и санирање на руинираните улици во населените места Марвинци, Чалакли, Брајковци, Раброво и Собри, изградба на мини-плоштад и парк во населеното место Удово, изградба на три нови урбани паркови во градот Валандово и поставување на неопходната инфраструктура во индустриската зона „Јосифово”, инфомира градоначалникот Перо Костадинов.
Општината, додаде, интензивно работи и на подготовка на техничка документација за изградба на нови канализациски и безбедни водоводни системи за населените места кои ги немаат, како и на техничка документација за решавање на проблемите со поројните води во Горна Маала, Јосифово и на Калковска река.