Општина Прилеп и Руската амбасада го одбележаа Денот на победата над фашизмот

Од:

Со положување на свежо свеќе пред криптата во Паркот на Револуцијата или Могилата на непобедените, денеска по трет пат Општина Прилеп заедно со Амбасадата на Руската федерација го одбележаа Денот на победата над фашизмот – 9 Мај, на кој се потсетуваме на жртвите кои се дадени за пораз на најголемот зло – фашизмот.

Почит на загинатите борци им оддаде делегација на Општина Прилеп, предводена од градоначалникот Марјан Ристески, делегација на руската амабасада во Македонија, предводена од амбасадорот Олег Шчербак, военото аташе на Србија во Македонија, претставници на АРМ, Министерството за надворешни работи и групи на граѓани.

„Утрешниот ден, 9 Мај, е голем ден за целиот свет, тоа е Денот на победата над фашизмот, едно големо зло кое владееше во светот пред повеќе децении. Прилеп е навистина Град херој кој дал голем придонес во борбата против фашизмот и ослободувањето на Македонија заедно со Русија и сите тогашни светски сојузници. Затоа во чест на тој ден денес полагаме цвеќе на овој паметник каде почиваат коските на над 600 прилепчани кои го дале својот живот за слобода на Македонија и борба против фашизмот. Злото никогаш небило победено, злото постои во различни форми и сега борбата продолжува, но доброто секогаш победува над злото. Нека е за многу години утрешниот ден и никогаш да не се повтори војната. Луѓето да живеат во мир, слобода и економски напредок“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Руските војници дале голем придонес во Втората светска војна во прилепско. Дел од нив биле во Првиот батаљон на третата оперативна зона, потоа во Првата македонско-косовска народноослободителна ударна бригада, а на 22 декември 1943 година е формирана Втората бригада во селото Фуштани, во чии рамки дејствувал прилепскиот батаљон „Мирче Ацев“, во кого имало околу 50-тина руски војници.
На Могилата на непобедените почиваат останките на Иван П. Кирилович, кој загинал во борбите кај Плетвар.

„Многу ни е драго што сме денес тука во Прилеп кој е познат по своите револуционерни традиции против фашизмот. Утре сите луѓе низ целиот свет ќе го слават Денот на победата над фашизмот, денот на победата на доброто над злото, денот кога сите луѓе во Европа беа ослободени од заканата на фашистичкото зло. Слободољубивите луѓе и членките на антихитлеровската коалиција го победиле фашизмот, но човештвото за таа победа плати висока цена. Во таа војна загинаа околу 50 милиони луѓе, а половината од нив беа од мојата татковина. Народот на Македонија не се потчини на фашизмот му даде отпор и го победи, но во таа борба Македонија изгуби околу 30.000 граѓани. Сите денешни генерации се благодарни на борците антифашисти и сите тие треба да ги научат лекциите од Втората светска војна. Денеска сме тука пред споменикот кој има многу интересен симболичен назив, Могила на Непобедените, тука се останките на околу 600 Македонци, меѓу кои и на мојата земја. Сите ние треба да разбереме дека доколку не се случеше победата над фашизмот немаше да постои ниту Русија, ниту Македонија, ниту пак цела Европа каква што ја знаеме сега. Целиот европски континент ќе беше само географски поим и сите ќе живеевме во еден концентрационен логор кој ќе носеше име „Трет Рајх“. Сакам да истакнам дека треба да ја чуваме историјата на нашите предци, денешните генерации треба да ги воспитуваме врз основа на таа историја и на сите сакам да им посакам мир, благосостојба и среќа и на сите да им посакам никогаш да не поминат низ тоа низ што поминале нашите баби и дедовци“, изјави Олег Шчербак, амбасадор на Русија во Македонија.

По повод Денот на победата над фашизмот руска делегација утре ќе положи цвеќе пред споменикот на загинатите партизани кај браната „Матка“, а вечерта во Кинотеката на Македонија ќе има ревија на руски воени филмови.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

Во Прилеп денеска е ден на жалост поради трагичната смрт на трите медицински лица

Катерина Ѓуровски

Двајца лекари и ренген-технчар се жртвите во тешката сообраќајна несреќа кај Прилеп

Четворица повредени во сообраќајка во Прилеп

Еден тешко повреден во судар на автомобил и мопед во Прилеп

Две деца од Прилеп здобиле изгореници откако пламнал пожар во нивната куќа

Горан Наумовски