Општина Прилеп реагира на прес конференцијата на Валентин Божиноски од СДСМ:
Очигледно Ви е проблем и не сакате да верувате дека успешно ќе се заврши секој еден проект што Локалната самоуправа започнува да го реализира. Ние како и секогаш ќе Ве испочитуваме и ќе Ве поканиме на свеченото пуштање во употреба на комплетно реконструираниот градски садион „Гоце Делчев“.
Само да Ве потсетиме дека градскиот стадион беше дива градба оставена на милост и немилост од Вашето време, а благодарение на законите кои ги донесе Парламентот предводен од оваа Влада стадионот веќе е легална градба и веќе е сопственост на Општина Прилеп.
Со реконструкцијата согласно критериумите на УЕФА ќе се санираат трибините за публика, ќе се покријат северната и јужната трибина, комплетно ќе се санираат сите простории во објектот, ќе се постави ново осветлување и комплетно ќе се реконструира спортскиот терен, а реконструкција е веќе во тек и ќе се започне со инсталирање на дренажниот систем.
Во изминатите 10 години изградивме 4 нови спортски сали во градот, а ги реконструиравме останатите, изградивме повеќенаменски игралишта, тениски терени, фудбалски терени во населените места, скејт-парк, мотокрос патека, фитнес зони, уредивме патеки за трчање, изградивме фудбалски терен со вештачка трева, обезбедивме услови Прилеп да го промовираме како светска дестинација за авантуристички туризам параглајдерство и болдеринг и континуирано финансиски ги помагаме младите спортисти од Прилеп, спортските клубови и иконите на прилепскиот спорт ФК Победа и РК Прилеп. Сето ова како заложба на градот заслужено да му го вратиме епитетот спортски центар и Најфудбалски град во Македонија.
Спротивно на ова, Ваш препознатлив начин на работа е грижата за спортот и младите на ХАРТИЈА и преку популистички пресови и ветувања немате поставено ни еден маалски кош во општината, нити пак имаат доставено иницијатива, а камоли реализирано проекти за подобрување на спортот и поддршка на младите.