Општина Новаци ќе биде дел од третата фаза од регионалниот проект на UN Women за промоција на родово одговорни политики и буџети во Југоисточна Европа, кој предвидува широка компонента насочена кон единиците на локална самоуправа во Македонија.
Градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски истакна дека главната цел на проектот е да придонесе кон имплементација на националните обврски за остварување на родовата еднаквост и тој претставува продолжение на досегашните напори и постигнувања во насока на интегрирањето на родовата перспектива во креирањето на политиките и буџетите.
-Имајќи ја предвид досегашната успешна работа на општина Новаци на полето на родовата еднаквост, канцларијата на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените изрази желба за вклучување на општина Новаци во регионалниот проект за промоција на родово одговорни политики и буџети. Се надеваме дека преку поддршката обезбедена во рамките на проектот ќе ги зајакнеме капацитетите на општинската администрација и советот за родово одговорно креирање политики и да придонесеме кон унапредувањето на родовата еднаквост во општина Новаци, посочи Котевски.
Проектот ќе се реализира во периодот 2017-2018 година, со финансиска поддршка од Австриската развојна агенција и Швајцарската агенција за развој и соработка.
Во третата фаза од проектот ќе се вклучат десет нови македонски општини со цел да извршат зајакнување на општинските капацитети и механизми за имплементација на локалните и национални стратешки документи во областа на родовата еднаквост и родово одговорното буџетирање, како што се Стратегијата за родова еднаквост (2013-2020), Стратегијата за воведување родово одговорно буџетирање (2012-2017) и Законот за еднакви можности на жените и мажите.