Советот на општина Кочани на денешната редовна седница донесе одлука за пристапување кон заштита на дабот кај село Бели, кој е стар над 500 години и преставува природна реткост во овој дел на Источна Македонија.
– За целосна заштита на дабот Општина Кочани подготви елаборат за негова реставрација и конзервација со што ќе се придонесе оваа природна реткост да биде целосно заштитена. Општината и досега се грижеше за заштитата на дабот кај село Бели. Преку Центарот за развој на Источниот плански регион,а со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, подготвен е елаборат кој треба да се достави до Министерството за животна средина за понатамошна реализација, изјави градоначалникот Ратко Димитровски.
Дабот кај село Бели во 2012 година страдаше од удар на гром при што беше направена неопходната санација на опожареното стебло. Меѓутоа според Димитровски, неопходно е да се направат конзерватирски активности за негова заштита и продолжување на векот на траење.