Со целодневна програма, утре, недела, 29.06.2014, општина Кисела Вода ќе го прослави својот 59ти роденден. Случувањата започнуваат во 08:45 со доделување ваучери за новороденчињата од општината и награди за најуспешните основци од училиштата на територија на општина Кисела Вода од страна на градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ . Во 10:30, во Големата сала, ќе се одржи свечена седница на Советот на општината, каде ќе бидат доделени благодарници за луѓето и компаниите кои во оваа година биле заслужни за афирмирањето на оваа локална самуправа.
Општина Кисела Вода би сакала да ги повика сите граѓани во 11 часот да бидат во паркот Шопен, каде концерт ќе одржи Градскиот дувачки оркестар. Програмата ќе ги задоволи сите музички вкусови бидејќи се работи за популарна музика од Добсшески, Милер, Харисон, Макартни, Ленон, Леј, Моцарт, Андерсон, Манквина, Верди, Штраус… Забавата продолжува во Расадник, пред кафулето Гет, за каде во 12:30 е закажан стартот на женското авторели, во соработка со женскиот Автофан клуб. Ќе се вози низ целата општина, со старт во Расадник, преку селото и населбата Драчево, па повторно во Расадник, каде ќе бидат доделени наградите на најуспешните жени возачи.
Веќе во 18 часот, повторно во паркот Шопен, во организација на Здружението на пензионери и Црвениот Крст, докторски тим од Црвениот Крст ќе врши бесплатни мерења на притисок и ќе дава бесплатни здравствени совети, додека паралелно, на истата локација, ќе се одржува веќе традиционалната Коријада, по која од 19:30, па се до 21 часот, ќе уследи културно-забавна програма во изведба на Здружението на пензионери на Кисела Вода.
Со ова ќе се заокружи, и онака богатиот, викенд со настани и случувања во општина Кисела Вода, кој започна вчера со отворањето на Културното лето “Три круши 2014”. Би сакале да потсетиме дека вечерва, со почеток во 20:30, на верско-рекреативниот објект Три круши во село Драчево, ќе настапи ансамблот “Македонија” со чалгиска вокално инструментална и танцова точка од 19-ти век и селска традиција на музика и игра од пред 19-ти век, со оригинални носии и костими.