Со пригодна свеченост и положување цвеќе пред споменикот на Шандор Петефи, денеска општина Кисела Вода го одбележа Националниот ден на Унгарците.
Градоначалникот на општина Кисела Вода Филип Темелковски, како што информираат од неговиот кабинет, на свеченоста посочил дека самото поставување на спомен одбележјето на истакнатиот поет и револуционер Шандор Петефи говори за големо почитување на општина Кисела Вода кон унгарскиот народ во Република Македонија.
– Денешната манифестација е уште еден чекор напред кон воспоставување на уште подобри односи со Република Унгарија и значаен придонес во развивање на културните врски со Унгарија, ширењето на унгарската култура, но и за приближувањето на македонското литературно творештво до унгарската публика-истакнал Темелковски.
Амбасадорот на Унгарија во Македонија Ласло Дукс, го искажал своето задоволство што повторно заедно со општина Кисела Вода го прославува националниот празник на Унгарија.
– Многу сме благодарни на граѓаните на Кисела Вода што имаме прилика да присуствуваме на овој ден, пред спомен плочата на Шандор Петефи. Носители на револуцијата во 1848 година беа младите. Револуцијата е приказна за младите и за нас е задоволство да ги поздравиме младите деца, кои учествуваа на конкурсот распишан под овој повод, изјави пред присутните Дукс.
На настанот, како што информираат од општина Кисела Вода, биле доделени и награди за најдобрите од распишаниот конкурс од страна на Амбасадата на Унгарија во Македонија и Здружението на Унгарците во Македонија на теми поврзани со животот и делото на Шандор Петефи и Унгарската национaлно-ослободителна војна и буржоаска револуција 1848-1849.
Михаела Здравковска од ООУ “Св.Климент Охридски” и Деспина Стојмировска од ООУ “Кузман Шапкарев”, ќе добијат организирана деветдневна екскурзија во Унгарија.