Во организација на Консалтинг и тренинг центарот ,,КЛУЧ’’, денеска во хотелот Континентал во Скопје започна дводневната конференција за квалитет на храна и хигиенско инженерство и дизајн (EHEDG) 2013, на која присуствуваат повеќе од 150 луѓе од целиот свет.
Оваа манифестација, со поздравен говор ја отворија претседателот на Македонската регионална секција на EHEDG, проф. д-р Владимир Какуринов, претседателот на EHEDG, г-дин Кнут Лоренсен и еден од основачите на оваа меѓународна организација, господинот Хуб Лилевелд.
Во рамките на овој стручен собир, со свое поздравно обраќање учествуваше и градоначалникот на Општина Карпош, господинот Стевчо Јакимовски, како претставник на единствената локална самоуправа во светот која е членка на оваа реномирана организација. Тој ја искористи оваа пригода да им посака добредојде на присутните гости и притоа ја истакна својата поддршка за овој голем настан.
-Искрено се надевам дека за овие два дена, ние како Општина и членка на Европската групација за хигиенско инженерство, успешно ќе се претставиме со нашите постигнувања и ќе оствариме многу значајни средби, со што ќе ги отвориме вратите за плодна соработка со другите членки на EHEDG, како и со големите компании кои се занимаваат со производство на храна – посочи Јакимовски.
-Нашите деца се нашата иднина и токму затоа најголемиот дел од нашите напори ги насочуваме кон грижа за нивното здравје, правилен раст и развој. Во таа насока ние не се штедиме себе, ниту пак средствата со кои располагаме, стремејќи се кон имплементација на највисоките европски стандарди за безбедност на храната. За нашата посветеност кон оваа проблематика, говори фактот што вработивме овластено и стручно лице, магистер по науки, кое се грижи за контролата и безбедноста на храната за најмладите членови во образовните институции, согласно меѓународните нормативи. Тука ќе ја напоменам и нашата успешна имплементација на ХАСАП системот – резимираше првиот човек на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.
Инаку, оваа конференција има за цел да ги поврзе на едно место експертите и компаниите и да создаде единствена можност за соработка и размена на идеи помеѓу истражувачите, извршните директори и експерти од претпријатијата, кои произведуваат храна и опрема за храна.
Во дводневни паралелни сесии (19-20 септември 2013) ќе се презентираат трудови од претставници на видни високообразови и истражувачки институции, како и експерти од компании од целиот свет од областа на квалитетот и безбедноста на храната, хигиенското инженерство и дизајн и прехранбената технологија. Утрешниот ден е од особена важност, поради одржување на брокерскиот настан, на кој домашните и странските компании ќе имаат можност да се запознаат со идните клиенти, како и потенцијалните бизнис партнери и експерти од оваа област.