Во рамки на одбележувањето на Денот на штркот во општина Чешиново-Облешево беше предадена во употреба наменска набљудувачница за птици.
Објектот е лоциран кај селото Уларци и е дел од проектот “Wet Meadows and Pastures“ што заеднички го реализираа локалната самоуправа и Македонското еколошко друштво со грант од германската фондација Еуронатура.
– Пред неколку години спроведовме броење на гнездата на штрковите во општина Чешиново-Облешево и утврдивме дека има близу 100 гнезда, односно најголема популација од овие птици во Македонија. Затоа аплициравме со проект за изградба на набљудувачница што денеска ја предаваме во употреба, а добивме уште еден грант за промоција на општината во областа на еко-туризмот, истакна Робертина Брајановска од МЕД – Македонското еколошко друштво.
Покрај еколошкиот и промотивниот аспект, проектот опфаќа и едукација и подигање на јавната свест, посебно кај најмладите за заштита и поголема грижа кон птиците. Неколку наставници од основните училишта во општината ќе имаат специјализрана обука во Ирска, што ќе се реализира со проект преку програмата Еразмус плус.
По повод Денот на штркот во селото Чешиново се одржа и забавно-музичка програма во која учествуваа стотина ученици од основните училишта.
Општина Чешиново-Облешево пред пет години беше примена во Европската мрежа на село на штркот, со што оваа птица стана нејзино заштитно обележје.