Центар со кривична пријава за менаџерот на „Интермецо“, ја скинал пломбата од општинските инспектори

Од:

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, денеска во Основното јавно обвинителство (ОЈО) ја поднесе кривичната пријава против Димитрије Јовановиќ, управител на Друштво за угостителство, трговија и услуги Фор Фингерс ДОО Скопје и овластено лице на подружница 1 Интермецо Скопје.

Како што информираат од Општина Центар, кривичната пријава против Јовановиќ е поднесена согласно членот 389 од Кривичниот законик, односно за сторено кривично дело – симнување или оштетување на службен печат или знак што го ставило овластено лице заради осигурување на предмет или просторија. Согласно овој член, оној што ќе влезе во ваква просторија или отвори осигурен предмет, се казнува парично или со затвор до три години.

„Општина Центар, на барање на жителите кои живеат во овој дел од општината, неколкупати претходно го опоменуваше и санкционираше кафе барот „Интермецо“ за прекршување на Законот за заштита на животната средина во однос на надминувањето на дозволеното ниво на бучава.

На „Интермецо“ досега поради гласна музика и бучава му беше изречена една мандатна глоба во висина од 6.000 евра, потоа откако кафе барот продолжи со непочитување на законските мерки, Општина Центар му изрече уште една глоба од 6000 евра и му забрани да врши угостителска дејност во траење од 30 дена.

Откако локалот беше затворен, вработените незаконски ја тргнале службената пломба на влезот и веќе истиот ден „Интермецо“ продолжи со работа“, велат од Центар.

Оттаму известуваат дека кривичната пријава до ОЈО, Општината ја поднесува со цел Обвинителството да ги преземе сите потребни правни дејствија за да се утврди фактичката состојба со кршењето на законот од страна на кафе-барот.

Градоначалникот Богдановиќ и Општина Центар повторно упатуваат апел до сите сопственици, менаџери и управи на локалите на територија на општината, да се придржуваат до правилата и законските одредби за бучава и да не ги надминуваат дозволените нивоа на гласност.

Би можело да ве интересира

Герасимовски: Ја украсивме општина Центар, граѓаните имаат потреба од позитивна атмосфера

Орце Костов

Општина Центар со препорака до угостителските и јавните објекти во следните два дена да ја прилагодат музиката

Казни од 13.000 евра за Интермецо и за Мош за прегласна музика

Катерина Ѓуровски

Целосно се забранува градење надвор од Генералниот Урбанистички план на Водно

Општина Центар: Град Скопје да го реши хаосот со сметот

Герасимовски: Зачестените контроли на градилиштата продолжуваат – инвеститорите да градат според одобренијата