Општина Центар нема да носи декларативни и популистички одлуки кои потоа нема да можат да се применат во пракса и ќе создадат уште поголем хаос. Како намерно тенденциозен го оценуваме насловот и написот на еден портал дека наводно не го прифаќаме предлогот на граѓаните, тротоарите во Дебар Маало да се ослободат од колите.
„Ова е ингеренција на Град Скопје, што беше јасно кажано и на седницата на Советот на општина Центар. Започнати се разговорите со градот, но тоа оди чекор по чекор со носење инфраструктурни решенија. Заложба на општина Центар е безбедност на пешаците и учесниците во сообраќајот. Интензивно работиме на носење на решенија за отстранување на нелегалните тераси и поставуваме безбедносни столбови на тротоарите во Дебар Маало за да нема неправилно паркирање на возила.
Одлуката која ќе биде доработена и правно издржана ќе биде ставена на дневен ред. Всушност и претседателката на Советот која беше предлагач на одлуката ја повлече предлог-одлуката на доработка. Значи не станува збор дека советниците од мнозинството, предводено од СДСМ гласало против ваква точка да се стави на дневен ред“, се вели во соопштението на Општина Центар.